Директорот на Државниот завод за статистика, д-р Дејан Станков, одржа средба со новоименуваната постојана координаторка на Обединетите нации (ОН) во Република Северна Македонија, г-ѓа Рита Колумбија.
Главниот фокус на средбата беа Целите за одржлив развој и улогата што ја има во оваа област во државата Заводот за статистика. Во периодот што следи ќе бидат разгледани можностите за развивање платформа за Целите за одржлив развој. Понатаму, се дискутираше и за поддршката што може да ја обезбеди канцеларијата на постојаната координаторка на ОН во делот на подобрување на квалитетот на административните извори на податоци, особено на регистарот на населението. Исто така, г-ѓа Колумбија ја истакна подготвеноста да го поддржи и унапредувањето на статистичката инфраструктура на Државниот завод за статистика.
И двајцата соговорници се согласија дека темите кои беа дискутирани на средбата се од исклучителна важност и соработката во тие области ќе продолжи и понатаму.