Класификации
Класификацијата може да се дефинира како збир на конечни, дискретни и исцрпни
опсервации кои меѓусебно се исклучуваат. Опсервациите се собираат заедно во
групи или класи или категории, во согласност со нивните специфични
карактеристики и целите за кои тие се класифицирани. Класификацијата, во
статистичка смисла, означува систематизирано расчленување на појавите и
предметите во групи, класи, категории, врз основа на нивната сличност или
разлика. Класификациите ја формираат основата за прибирање, обработка и
дисеминација на податоците во сите области на статистиката. Класификациите може
да бидат структурирани во едно или повеќе нивоа на детали кои се користат да се
групираат податоците во даден домен, во согласност со нивните сличности. Тие
обезбедуваат стандардизирани концепти кои се користат за да се опишат
економските појави (како што се активностите, производите, потрошувачката) и
социјалните појави (како што се образованието, занимањето или здравјето на
населението).
Класификациите се неопходни за конзистентно мерење на овие појави во земјата и
за обезбедување на споредливост помеѓу земјите и географските региони. Со
меѓународните референтни класификации се воспоставени стандарди за меѓународно
усогласени класификации кои служат како модели за развој на соодветните
регионални и национални статистички класификации и ја обезбедуваат основата за
меѓународно споредливи податоци. Тие се алатки кои се користат од страна на
националните статистики, меѓународните агенции, носителите на одлуки,
академските институции и други корисници. Без точни и систематски уредени
податоци во согласност со заедничките својства, статистичките податоци не може
да бидат сигурни или споредливи.
Според Речникот на Обединетите нации за поимите во класификациите (“United
Nations Glossary of Classification Terms”), терминот номенклатура се дефинира
како систематско именување или систем на имиња и термини на категории или
предмети, додека, пак, под терминот класификација се подразбира, покрај
именување и подредување, и кодирање според одредени структури.
Во секојдневната статистичка работа овие два термина се сметаат за синоними.
Кога класификацијата има само едно хиерархиско ниво, понекогаш се користи зборот
„список“.
Национални класификации
Класификации на Европската Унија
Класификации на Обединетите Нации и други меѓународни организации
Кореспондентни табели
|
© Државен завод за статистика