Поими и објаснувања
|
Меѓуопштинските центри за социјална работа се институции што спроведуваат социјална заштита во една или во повеќе општини со примена на социјална работа.
Како корисник на социјална заштита се смета секое физичко лице кое во текот на извештајната година, еднаш или повеќе пати користело некое од правата на социјална заштита.
Податоците за правата на социјална заштита за малолетни и полнолетни корисници се однесуваат на бројот на случаите на одредени права на социјална заштита спроведени во текот на извештајниот период, а не на бројот на лицата.
Податоците за социјална парична помош се однесуваат на домаќинствата чии вкупни месечни приходи се помали од висината на утврдената социјална парична помош и тоа како разлика помеѓу вкупните просечни приходи на сите членови на домаќинството, по сите основи и висината на социјалната парична помош.
Установите за сместување и згрижување деца без родители и родителска грижа обезбедуваат сместување, згрижување, здравствена заштита и воспитание на деца и млади на кои им е потребно сместување во дом. Тука спаѓаат домовите за доенчиња и за мали деца, детските домови и установите за згрижување деца и млади без родители и родителска грижа.
Установите за згрижување лица со пречки во менталниот и телесниот развој ги опфаќаат организациите што обезбедуваат сместување, исхрана, нега, здравствена заштита и воспитание на деца и млади попречени во развојот, за време на школувањето и оспособувањето.
Установи за згрижување и образование на деца и млади со воспитно- социјални проблеми опфаќаат установи за воспитно запуштени деца и млади. Овие установи обезбедуваат сместување, воспитание, образование и стручно оспособување деца и млади.
Tрговски друштва за вработување на инвалиди вработуваат лица со намалена работна способност. Вработените инвалиди може да работат и дома.
Установи - домови за возрасни лица обезбедуваат сместување, исхрана и здравствена заштита на возрасни лица. Тука спаѓаат домовите за стари и за изнемоштени лица.
Домовите за ученици и студентските домови обезбедуваат сместување, исхрана и воспитание на ученици (во основните и во средните училишта и во средните верски училишта) и студенти за време на школувањето, надвор од местото на живеење на родителот-издржувателот.
Додатоци за деца (детски додаток, посебен додаток и еднократна парична помош за новороденче) и родителски додатоци за дете (право што го остварува мајката за своето трето, четврто живородено дете и единствен родителски додаток) се посебни облици на заштита на децата што се состојат во парични примања, според законите за детска заштита.
Детски додаток се остварува во зависност од бројот на децата во семејството, од возраста на детето и од материјалната состојба на семејството.
Посебен додаток остварува дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот.
Еднократна парична помош за новороденче се обезбедува на семејство за првото новородено дете.
Родителски додаток за трето дете се исплатува месечно за период од 10 години, родителски додаток за четврто дете се исплатува месечно за период од 15 години. Во случај мајката да роди четврто дете додека го остварува родителскиот додаток за трето дете, ќе остварува единствен родителски додаток.
Установи за згрижување и воспитание на деца - детски градинки / центри за ран детски развој
Установите за згрижување и воспитание на деца - детски градинки / центри за ран детски развој обезбедуваат здравствена заштита, исхрана и дневен престој на децата во согласност со нивните развојни потреби на возраст до 6 години, во повеќе видови групи.
Групите на деца во развоен период до 2 години ја вршат функцијата на комплетна нега и остваруваат одредено воспитно влијание врз децата на возраст до 2 години.
Групите на деца во развоен период од 2 години до поаѓање во училиште систематски се занимаваат со воспитание и образование на децата на возраст до 6 години.
Комбинираната група на деца систематски се занимава со згрижување, воспитание и образование на деца на возраст од 12 месеци до 6 години.
За деца со пречки во развојот се сметаат: слепи и слабовидни деца, глуви и наглуви деца, деца со пречки во говорот, деца со телесна инвалидност, како и деца со тешкотии во однесувањето и личноста. Згрижувањето и воспитанието на овие деца се организирани во редовните групи.
Групи на деца - центар за ран детски развој во состав на детска градинка ги опфаќа групите во развоен период од 3 години до поаѓање во училиште и систематски се занимава со воспитание и образование на деца, со времетраење до три часа дневно, со флексибилно работно време.
Групите за вонинституционална форма на активност се наменети за деца на возраст од 3 години и тие опфаќаат игровни активности, креативни работилници, детски работилници од областа на културата и уметноста, спортски активности и слично.
|