Skip Navigation LinksНасловна Активности

Активности 


Реакција во однос на колумната објавена во „Утрински весник“ од 2.11.2016 од авторот Драган Тевдовски
четврток, 03 ноември 2016

 

Државниот завод за статистика, како овластен производител на официјални статистички податоци и координатор на статистичкиот систем во Република Македонија, цени дека има потреба да реагира на колумната објавена во „Утрински весник” од 2.11.2016 под наслов „Што е со податоците за невработеноста и сиромаштијата?” од страна на Драган Тевдовски. Авторот во текстот наведува: „... Дури и да се претпостави дека Државниот завод за статистика е независна институција..., Државниот завод за статистика е нетранспарентен за податоците кои се добиваат преку анкети…. A за истражувачката заедница во Македонија се поставени бариери кои сериозно го отежнуваат пристапот до податоци со низок степен на агрегираност...” Дополнително, авторот на текстот се осврнува на процедурите и методите за избор на примерокот, како и за спроведување на Анкетата за работна сила и Анкетата за приходи и услови за живеење. Во врска со наводите во текстот, Државниот завод за статистика го дава следното појаснување:


1. Државниот завод за статистика истакнува дека стручната независна дејност на Заводот е осигурана со Законот за државната статистика, Петгодишната програма за статистички истражувања 2013-2017, како и со имплементираниот Кодекс за работа на европската статистика. Во согласност со статистичките начела, статистичките продукти се дисеминираат во согласност со принципите за релевантност, точност, веродостојност, прецизност, навременост, доследност, споредливост и транспарентност. При изработката на Петгодишната програма за статистички истражувања се контактираат сите релевантни чинители - корисници на податоци. Согласност за програмата дава Советот за статистика на Република Македонија, а е усвоена од Владата на Република Македонија.


Транспарентноста на Државниот завод за статистика за користење на податоци на пониско ниво кои се добиваат преку анкети, се согледува со фактот дека Заводот овозможува користење на анонимизирани микро бази на податоци за научно-истражувачки цели. Тие се достапни и се користат како од домашни, така и од меѓународни истражувачи.


2. Државниот завод за статистика го врши изборот на примерокот за анкетните истражувања врз основа на стручни и научни методи, дефинирани со регулативите на Европската комисија и методологиите на Евростат, кои Државниот завод за статистика во целост ги следи и применува, и се потврдени од страна на меѓународни експерти од соодветните области. Моделот на примерокот за анкетните истражувања најчесто е дизајниран како стратифициран, во одреден случај ротационен, двоетапен и случаен примерок. Методолошките основи за истражувањата, вклучувајќи го и дизајнот на примерокот, се објавени на веб-страницата на Заводот. Што се однесува до рамката за избор на примерок, за истакнување е фактот дека покрај од административни извори, Државниот завод за статистика, во соработка со експерт од Меѓународната организација на трудот, воспостави активност за ажурирање на рамката за избор на примерокот на квартално ниво. Ажурираната рамка претставува основа за подготовка и спроведување на примерочните истражувања, а се користи и во процесот на обработка, пондерирање и калибрирање на податоците. Подетално објаснување за оваа статистичка операција екеспертот на МОТ даде и во македонските медиуми.


3. Во врска со користењето на административни податоци, Државниот завод за статистика активно користи административни податоци за статистички цели од повеќе административни извори. Користењето на административните извори за статистички цели е регулирано во Законот за државната статистика и потпишаните меморандуми за соработка при што Државниот завод за статистика има одлична соработка со државните институции.


4. Податоците произведени од страна на ДЗС се меѓународни споредливи и се доставуваат до статистичкото биро на Европската унија – Евростат каде што се објавуваат заедно со податоците за земјите-членки на Унијата. Податоците на Државниот завод за статистика се користат и од сите релевантни меѓународни институции како што се Обединетите нации, ММФ, Светската банка и многу други, со што дополнително се потврдува нивната релевантност, точност и веродостојност.




© Државен завод за статистика