20 октомври – Европски ден на статистиката:
„Статистиката – вакцина за заштита на демократијата и за борба против вирусот на дезинформации“
Денес го одбележуваме Денот на европската статистика – 20 октомври чиешто мото годинава е „Статистиката – вакцина за заштита на демократијата и за борба против вирусот на дезинформации“
Во опкружување во кое секојдневно сме заплиснати со мноштво дезинформации и лажни вести, нашата улога како производители на официјални податоци станува уште поважна и повредна. Со тоа се зголемува и нашата одговорност пред јавноста и нашите корисници секогаш да бидеме максимално професионални и ефикасни во исполнувањето на нашата основна обврска – производство на квалитетни и навремени статистички податоци кои ги задоволуваат потребите на корисниците.
Овој пат со гордост можеме да си честитаме за одлично спроведениот Попис на населението, домаќинствата и становите и за извонредниот труд и посветеност на секој еден од нас. За оваа активност упатуваме огромна благодарност и до сите други учесници во оваа масовна операција, но благодарност и до сите институции кои сесрдно нè поддржаа во спроведувањето на Пописот.
Денес, исто така, можеме да бидеме задоволни и од Извештајот на Европската комисија за Поглавјето 18 Статистика, објавен вчера, во кој се констатира добар напредок во сите полиња на статистичката дејност и она што особено нè радува е фактот дека препораките за она што треба да го исполниме се намалуваат. Тоа е знак дека сме на вистинскиот пат кон остварување на европските цели во статистиката и треба да продолжиме по тој пат со уште поголема посветеност и заложба за остварување на крајната цел – задоволување на потребите на корисниците и рамноправно членство во големото европско статистичко семејство.
Нека ни е честит Денот на европската статистика!
Директор
Апостол Симовски