Претставниците на Статистичкиот завод на Европската Унија – Евростат, г. Жан-Пјер Понселет, директор на Директоратот Б.Стандарди, дисеминација и соработка во Европскиот статистички систем, и г-ѓа Клаудија Јункер, раководител на Одделот Б3.Проширување, соседство и развојна соработка, престојуваат во работна посета на Државниот завод за статистика.
Заедно со директорот на Државниот завод за статистика, г. Дејан Станков, како и со претставникот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, г. Олег Хирбу, претставниците на Евростат остварија средби со министерката за финансии, г-ѓа Гордана Димитриеска-Кочоска и со министерот за европски прашања , г. Орхан Муртезани, како и со заменикот министер за јавна администрација, г. Лазе Јакимовски.
На одвоените средби се зборуваше за статусот на Државниот завод за статистика во рамките на јавната администрација во државата и неговата специфичност која го издвојува од другите органи во државата, предизвиците со кои се соочува оваа институција на планот на буџетирањето, недостигот на кадар и неможноста да се обезбеди и задржи квалификуван кадар за статистички цели, како и важноста на користењето на официјалните статистички податоци при креирањето на политики и стратегии како и улогата на официјалната статистика во процесот на пристапување во ЕУ.
Претставниците на Евростат на средбите со министрите и со заменикот министер особено се осврнаа на позитивните оценки што официјалната статистика на Република Северна Македонија ги добива во неколкуте последни извештаи на Европската комисија за напредокот на државата, но и на конкретните препораките за Државниот завод за статистика кои се однесуваат на зголемување на кадровскиот капацитет на институцијата, буџетирањето и зајакнување на инфраструктурата на институцијата.
Претставниците на Евростат, г. Жан-Пјер Понселет и г-ѓа Клаудија Јункер посетата ја продолжуваат во Струга, каде што денес почнува состанокот на Групата за политики за статистичка соработка чијшто домаќин е Државниот завод за статистика, а на кој учествуваат високи претставници на статистичките институции на земјите – кандидати за членство во Европската Унија (Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово, Србија, Турција, Молдавија и Украина).