Во периодот од 17 до 21 септември, 2018 година во Скопје се спроведе експертска мисија за обезбедување техничка помош на Државниот завод за статистика (ДЗС) за унапредување на податоците за населението, вклучувајќи го и Пописот, поддржана од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
Мисијата ја предводеше г. Вернер Хауг, меѓународен експерт за население и пописи на населението, а учествуваа и директорот на ДЗС г. Апостол Симовски, заменикот-директор на ДЗС, г.Зирап Адеми, директорката на Канцеларијата на УНФПА, г-ѓа Доина Болога, и помошник-претставникот на Канцеларијата на УНФПА во државата, г-ѓа Соња Таневска.
Целта на посетата на меѓународниот експерт беше информирање на релевантните претставници во државата и техничка поддршка со која се предвидува јакнење на националните капацитети за собирање на податоци за населението, анализа, дисеминација и нивно користење во развојните политики.
Државниот завод за статистика и Фондот на Обединетите нации (УНФПА), во јули годинава, потпишаа Меморандум за разбирање во чии рамки се предвидува мониторинг на напредокот во спроведувањето на националните политики и стратегии поврзани со социјалната инклузија и репродуктивното здравје на адолесцентите, жените и мажите во државата, како и други национални и меѓународни обврски што се во согласност со Партнерството за одржлив развој на ОН за периодот 2016-2020 што го потпишаа Владата и тимот на ОН во државата.