Билатералната посета за стратегиски менаџмент го зајакнува партнерството помеѓу Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија и Шведската статистика. Ваков вид соработка е од клучно значење за понатамошниот развој на статистичките капацитети во нашата земја и за продлабочување на нашето партнерство со Шведската статистика.
Билатералната долгогодишна и ефективна соработка помеѓу двете институции, поддржана од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (SIDA), има долгогодишна историја и се развиваше низ пет клучни фази.
Првите три фази беа фокусирани на поддршка на земјоделските статистики (2002 – 2011 г.), додека четвртата и петтата фаза (2020 – 2027 г.) се посветени на зајакнување на институционалниот капацитет на Државниот завод за статистика.
Овој процес вклучува активна соработка со други производители на официјални статистички истражувања и носители на административни регистри, со цел да се подобри нивниот капацитет, како и производство на висококвалитетни и точни статистички податоци, кои се од суштинско значење за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
За време на посетата (21 – 23.01.2025 г.), беа дискутирани и презентирани повеќе теми, со посебен осврт на искуствата за организациската структурна поставеност на институциите во насока на исполнување на стратегиските цели и предизвици; системот за планирање и мониторинг и внатрешната комуникација.
Исто така, директорот на Државниот завод за статистика, д-р Дејан Станков, ги презентира активностите за ребрендирање на Државниот завод за статистика во современа европска институција.
Понатаму, беше потпишана и ажурирана верзија на Меморандумот за разбирање помеѓу Државниот завод за статистика и Шведската статистика, во однос на имплементацијата на заедничкиот проект што има за цел да го подобри капацитетот на ДЗС за производство на статистиките во согласност со потребите на корисниците и барањата на ЕУ.