Пилот-истражувањето за аптеките ќе се спроведува во текот на јули 2021 и се пополнува електронски во Еxcel табели кои се испраќаат по електронска пошта. Податоците што ќе бидат прибирани се однесуваат на 2018, 2019 и 2020 година.
Државниот завод за статистика од 2021 година започна да публикува здравствени сметки, кои претставуваат категоризиран приказ на сите здравствени трошоци во државата. Здравствените сметки ги прикажуваат средствата во здравствениот систем од аспект на изворите, начинот на финансирање, типот на здравствената заштита за кој се користат, типот на здравствените установи, болестите, инвестициите итн. Притоа, Државниот завод за статистика презема повеќе активности за унапредување на здравствените сметки преку поголем и подетален опфат на средствата во здравствениот систем во државата.
Еден од поважните сегменти во пресметките на здравствените сметки за Република Северна Македонија претставуваат трошоците за лекови, помошни лековити средства, медицински помагала и други медицински производи и е особено важно да се пресметаат средствата што граѓаните ги плаќаат приватно, односно што не се на товар на ФЗО.
Целта на ова пилот-истражување е податоците за здравствените сметки да се збогатат со податоци за прецизно утврдување на средствата што ги издвојува населението приватно за набавка на лекови и производи во аптеките, но и за типот на лековите за кои се издвојуваат приватните средства. Резултатите, освен што ќе овозможат информации за овој важен пазар за компаниите, тие се и од големо значење за креаторите на здравствените политики во делот на опфатот на лековите со здравственото осигурување.