Денес е посебен ден за сите нас - Ден на македонската статистика! Изминатава година сите заедно вложувавме во унапредувањето на нашата работа, во развојот на квалитетот, навременоста, точноста, транспарентноста и достапноста на нашите податоци. Правевме напори да ги следиме светските и европските статистички принципи, стандарди и критериуми, да бидеме споредливи и препознаени како доверлив и сигурен партнер. Изминатава година имавме сончеви и помалку сончеви денови, но никогаш не се најдовме во сенка. Бевме исправени пред предизвиците, креативни во решенијата, смели во тешкотиите, горди во успесите - сите заедно!
Сите заедно го дадовме својот придонес во создавањето на реалната слика за Република Македонија низ бројки. Денес, на 1 јуни, затвораме едно, а отвораме ново поглавје во историјата на македонската статистика. Отпочнуваме со остварување на нашата визија, нашите планови и програми за една врвна, современа и сеприсутна македонска статистика.
Сите заедно да го продолжиме патот на генерациите статистичари што биле пред нас и да ја вградиме нашата вредност на тој пат. Нека ни е честит Денот на македонската статистика!