Skip Navigation LinksНасловна Активности

Активности 


Извештај на Open data watch за 2016 година
петок, 03 март 2017

 Невладината организација Open data watch (ODW), која се занимава со истражувања и анализи на поврзаноста на отворените податоци (Open data) и официјалните статистички податоци, неодамна го објави својот извештај од истражувањето на националните статистички институции на 173 земји во светот, за 2016 година.
Оваа невладина организација се залага за отворени податоци (Open data) и работи со други невладини организации и меѓународни агенции на промоција на придобивките од користењето на отворени податоци, особено во земјите во развој.

Во истражувањето на ODW се оценува опфатот и отвореноста на официјалните статистички податоци достапни на веб-страниците на националните статистички заводи со цел да се идентификуваат недостатоците, да се промовираат политиките за отворени податоци, да се подобри пристапот кон податоците, како и да се охрабри дијалогот помеѓу националните статистички заводи и корисниците на податоци. Податоците се групирани во 3 главни категории: социјални статистики, економски статистики и статистики на животната средина. Секоја од категориите се бодира во однос на опфатот и отвореноста на податоците врз основа на десет елементи: опфат и дисагрегирање, достапност на податоците за последните 5 години, достапност за последните 10 години, расположливост на податоците на ниво на општини и на ниво на населено место, потоа можностите податоците да се читаат со помош на машина, да се објавени во слободни формати (excel), податоците да може слободно да се преземаат, дали постојат метаподатоци за податоците, како и можноста податоците да се користат неограничено, без лиценци и само со наведување на изворот.

Според Извештајот за 2016 година, Македонскиот статистички систем е рангиран на 30. место во светски рамки (меѓу 173 земји) и на 6. место меѓу земјите од Јужна Европа. Меѓу земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, Македонскиот статистички систем се наоѓа на првата позиција.

Во споредба со рангирањето во 2015 година, македонската статистика направи значаен исчекор напред, поместувајќи се за 24 места во светски рамки (54 место во 2015 година) што претставува огромен успех, а уште поголем кога ќе се има предвид дека во истражувањето за 2016 година за првпат се вклучени и развиените земји, а не само земјите во развој.

Државниот завод за статистика, како координатор на националниот статистички систем и носител на најголем број од статистичките истражувања во Република Македонија, ќе продолжи со своите определби и заложби за професионално и независно продуцирање на навремени и веродостојни статистички податоци кои ќе ги задоволат потребите на корисниците, како и за проширување и збогатување на фондот на податоци преку воведување на нови истражувања во духот на современите текови во статистиката.

За повеќе информации посетете го следниов линк: http://odin.opendatawatch.com/report/rankings



© Државен завод за статистика