Skip Navigation LinksНасловна Активности

Активности 


Статистички портрет на трендовите во областа на родовата еднаквост
понеделник, 31 октомври 2022

 

Канцеларијата на UN Women и Државниот завод за статистика (ДЗС) ја промовираа публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија – статистички портрет на трендовите во областа на родовата еднаквост“.

Оваа публикација претставува историска анализа на 12 изданија од најзначајната публикација на ДЗС во областа на родовата статистика – „Жените и мажите во Северна Македонија“, објавени во периодот 2000 – 2021 година.

Анализирајќи податоци прибирани во период од над дваесет години, главната цел на публикацијата која ја промовиравме е да се одредат јасните трендови или промени во поглед на статусот на жените во периодот 2000-2021 и да се даде преглед на состојбата со родовата еднаквост во Северна Македонија.

На настанот се обратија раководителката на канцеларијата на UN Women, Весна Ивановиќ-Кастареде, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, раководителката на Центарот за обуки при Секретаријатот за европски прашања, Елизабета Буова во име на државната секретарка Дрита Абдиу-Халили, државната советничка при Министерството за труд и социјална политика, Елена Грозданова, и Микаел Атерхог, раководител за развојна соработка, во Амбасадата на Шведска во Скопје.

Дополнително, Марина Мијовска, советничка во Кабинетот на директорот на Државниот завод за статистика, ја презентираше работата на Државниот завод за статистика со родови статистики, додека Љупка Трајановска, национална консултантка за родови статистики, ја презентираше методологијата и главните наоди во публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија – Статистички портрет на трендовите во родовата еднаквост“.

Од дискусијата меѓу присутните беше заклучено дека оваа публикација е многу потребна и добредојдена алатка во процесот на интегрирање на родовата перспектива во процесот на пристапување во ЕУ, но и за креирање на сите понатамошни национални политики и стратегии. Исто така беше потенцирано дека овој проект е значаен за усогласување на националната легислатива, стратегии и политики со acquis за родова еднаквост на ЕУ.

Публикацијата е изготвена во рамки на проектот „Gender Equality Facility - Советодавни услуги за вклучување на родовата перспектива за администрацијата на Северна Македонија на централно ниво“, финансиски поддржан од Шведска, кој се спроведува од UN Women во партнерство со Секретаријатот за европски прашања и Министерство за труд и социјална политика, а во тесна соработка со Државниот завод за статистика.

Публикацијата е достапна на македонски, албански и англиски јазик на веб страницата на регионалната канцеларија на UN Women: https://bit.ly/3TTxakK

 

 




© Државен завод за статистика