Денес Државниот завод за статистика се приклучи кон одбележувањето на Европскиот ден на статистиката - 20 октомври со објавување на публикацијата Макстат Избор 2017, во која се претставени одредени индикатори за Република Македонија кои на еден поинаков начин даваат слика за социоекономските движења во државата. Во рамките на одбележувањето, гости на Државниот завод за статистика беа и учениците од Средното економско-правно училиште „Васил Антевски Дрен“од Скопје, кои заедно со нивните професори проследија презентации за Европскиот статистички систем, но и за активностите на Државниот завод за статистика во однос на најмасовната и најсеопфатна статистичка операција - Пописот на населението. Инаку, Европскиот ден на статистиката се одбележува секоја година со цел подигнување на свеста за значењето и вредноста на официјалната статистика не само за оние кои креираат и донесуваат политики, туку и за пошироката јавност.