Државниот завод за статистика (ДЗС), заедно со изведувачот Comtrade System Integration, на 15 ноември 2019 година го одбележаа завршувањето на 22-месечниот проект „Развој на наменски софтвер и база на податоци за економски статистики“, финансиран од Европската Унија.
Во присуство на бројни гости од институциите-носители на статистичкиот систем, претставници на делегацијата на ЕУ, експерти за статистика, како и вработени во Државниот завод за статистика, настанот го отвори директорот на ДЗС, Апостол Симовски, кој посочи дека националните сметки се најважниот елемент на макроекономската статистика. Макроекономската статистика е резултат на процес на интеграција на податоците од голем број извори, внатрешни и надворешни, и дава целосна слика за економските активности во земјата и нуди цврста основа за донесување одлуки и споредување со други земји.
„Главните проблеми што ДЗС сакаше да ги надмине со употребата на складиште на податоци беа недостатоците во досегашниот систем за обработка на податоци и пресметки на варијаблите од ЕСС 2010. Овој проект го зајакна процесот на составување на националните сметки во ДЗС во согласност со новиот Европски систем на сметки (ЕСС 2010), обврзувачките методолошки правила за осигурување споредливост на агрегатите на националните сметки и задолжителната програма за пренос на податоци (SDMX)“, рече Апостол Симовски.
Раководителот на Секторот за економски прашања, градење институции и прекугранична соработка во Делегацијата на Европската Унија, Фрејк Јанмаат, во своето излагање наведе дека ЕУ со години ги помага реформите во областа на статистиката и ја истакна важноста на претстојниот Попис.
Никола Радојковиќ, експерт за бизнис аналитика од Comtrade System Integration, имаше инспиративна презентација за предизвиците, целите и новите сознанија при дизајнот и спроведувањето на системот за управување со информации за националните сметки. Тој рече дека и покрај првичниот впечаток на почетокот на проектот дека ќе биде лесна задача, тој се покажа како многу тежок процес што одзема одзема многу време.
На крајот, Државниот завод за статистика како корисник на Проектот го заврши настанот со презентација за очекувањата, планирањето, реализацијата и употребата на развиеното складиште на податоци. Координаторот на Секторот за национални сметки, г-ѓа Снежана Георгиевска, зборуваше за придобивките од Проектот за целокупниот систем на национални сметки, а особено за побрзиот пристап до обработените податоци, заштедата на време за дополнителна обработка на податоците, избегнување на дуплирање на одредени пресметки со употреба на исти или слични влезни варијабли, итн.
Сите учесници изразија задоволство од проектот и резултатите, со надеж дека ќе има и други можности за слични проекти во иднина.