Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021, се наближува кон крајот. Остануваат уште 8 дена и попишувачите со максимален интензитет ги посетуваат домаќинствата за никој да не биде изоставен и непопишан.
Државниот завод за статистика апелира до граѓаните за трпеливост – попишувачите се на терен и ќе го посетат секое домаќинство. Би сакале да ги потсетиме граѓаните дека треба да ги проверуваат овластувањата на попишувачите и да ги примаат само оние кои имаат овластувања од Државниот завод за статистика.
Исто така, би сакале да потсетиме дека податоците од Пописот се исклучиво за статистички цели и ќе се објавуваат само агрегирано, а никако како лични податоци. Никој нема пристап до личните податоци, а целиот процес на обработка ќе биде автоматизиран и без каков било субјективизам.
Од друга страна, Државниот завод за статистика никогаш досега, а ни отсега, ниту издавал ниту ќе издава какви било потврди за податоци дадени во Пописот ниту во некои други истражувања што ги спроведува ДЗС и со кои се прибираат лични податоци.
Одговорите на т.н. чувствителни прашања – за етничка припадност, за вероисповед и за мајчин јазик претставуваат лично чувство на секој граѓанин и попишувачите (или некој друг) не смеат да сугерираат одговори. Попишувачите имаат должност да овозможат увид во внесените податоци, а секој граѓанин треба да го следи процесот на попишување и да гледа што попишувачот внесува во апликацијата. Доколку некој врши притисок по кој било основ, граѓанинот има право да го пријави случајот.
Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на провокации и притисоци и во Пописот да ги дадат податоците кои се бараат од нив слободно, со доверба и според сопственото чувство.
Да ја завршиме оваа активност која долго ја очекувавме за доброто на сите нас, затоа што успешноста зависи од сите нас!