Програмата за статистички истражувања 2018-2022, ќе биде четвртата Петтогодишна програма што се донесува во Република Македонија по донесувањето на Законот за државната статистика. Целта на донесувањето на Програмата е обезбедување конзистентен систем на податоци на државната статистика, врз база на цврсто пропишани национални и меѓународни стандарди, кој ќе биде компатибилен и споредлив со меѓународните статистички системи. Програмата е интегрирачка за сите овластени учесници, за да се оневозможи продуцирање на официјални статистички податоци надвор од системот на државната статистика. Во рамките на подготовките на Петгодишната програма за статистички истражувања, 2018-2022, Државниот завод за статистика (МАКСТАТ) ја реализира Работилницата со овластените носители на Статистичкиот систем на Република Македонија, 22-23 јуни 2017 г. Целта на Работилницата беше да се дискутира содржината на следната програма во насока на обезбедување висококвалитетни податоци и задоволување на современите потреби на корисниците. Работилницата ја отвори и ја водеше г. Дејан Станков, заменик- директор на МАКСТАТ, кој меѓу другото говореше и за улогата на МАКСТАТ како координатор на Националниот статистички систем. МАКСТАТ ги презентира и законските аспекти на учесниците во Статистичкиот систем во врска со Петгодишната програма за статистички истражувања, како и значењето на Кодексот за работа на европската статистика, Партнерското оценување на националниот статистички систем 2017, како и критериумите кон кои треба да се стремат овластените носители. Овластените носители ги презентираа нивната состојба и планираните промени во врска со Петгодишната програма за статистички истражувања. Работилницата беше реализирана во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (UNFPА) и Македонската платформа против сиромаштија (МППС).