Skip Navigation LinksНасловна Активности

Активности 


Пробен попис на земјоделството, 2022 година
вторник, 14 јуни 2022

 

Државниот завод за статистика ќе го спроведе Пробниот попис на земјоделството во периодот од 15 до 30 јуни 2022 година.

Со Пробниот попис ќе бидат опфатени одреден број семејни земјоделски стопанства и деловни субјекти што се регистрирани и се занимаваат со активности поврзани со земјоделството.

Основна цел на Пробниот попис е да се тестираат методологијата и прашалниците за спроведување на Пописот, како и организациските и стручните аспекти на оваа активност.

За таа цел, ќе бидат посетени одредени семејни земјоделски стопанства во избрани општини (Илинден, Куманово, Тетово, Кавадарци, Кривогаштани, Струмица и Чешиново-Облешево), како и деловни субјекти во повеќе општини: Илинден, Гази Баба, Кисела Вода, Бутел, Тетово, Куманово, Струмица, Битола, Ресен и други.

Попишувачите, обучени од страна на Државниот завод за статистика, ќе ги посетат земјоделските стопанства и деловните субјекти и ќе ги интервјуираат со помош на рачно преносливи компјутери -  таблети.

Пробниот попис се спроведува во согласност со Законот за државната статистика, а методолошките и организациските аспекти се целосно усогласени со европските регулативи: IFS 2018/1091, Регулативата за имплементација на IFS 2018/1874 и Регулативата за имплементација на IFS 2021/2269.

Соработката и учеството на домаќинствата и деловните субјекти во оваа статистичка акција ќе му помогнат на Државниот завод за статистика да обезбеди успешно спроведување на главниот Попис на земјоделството следната година.




© Државен завод за статистика