Skip Navigation LinksНасловна Активности

Активности 


Европски ден на статистиката – 20 октомври 2024 година
петок, 18 октомври 2024

 

Европската статистичка заедница го одбележува Европскиот ден на статистиката на 20 октомври. Овој ден е воспоставен од Европскиот статистички советодавен комитет (ESAC) и е поддржан од Европскиот статистички систем (ESS) и Европскиот систем на централни банки.

Деветтиот по ред Европски ден на статистиката (20 октомври 2024 година) ќе се одбележи под следното мото избрано од Европскиот статистички советодавен комитет: „Официјалната статистика, прозорец за разбирање на општеството“.

Официјалната статистика е објектив преку кој можеме да стекнеме длабоки и сигурни сознанија за нашето општество. Таа е од витално значење за донесување одлуки за сегашноста и иднината засновани на докази. Официјалните статистички податоци веќе долго време се произведуваат во согласност со начелата на независност, интегритет и одговорност, со употреба на статистички методи кои се засноваат на меѓународни стандарди, најдобри практики и научно издржани пристапи и стремеж кон иновации. Бидејќи веродостојните и квалитетните статистички податоци се приоритет за креирање политики, добрата вест е тоа што официјалната статистика сега е поблиску до граѓаните од кога било досега, искористувајќи го целосниот потенцијал на дигиталната ера.

Усогласувањето на македонската статистика со Евростат е критичен чекор во усогласувањето на нашите стандарди со стандардите на Европската Унија, особено со оглед на амбициите на земјата за пристапување во ЕУ. Овој процес вклучува сеопфатно усогласување на националните статистички системи со Европскиот статистички систем (ESS), кој е надгледуван од Евростат. Државниот завод за статистика, како дел од Европскиот статистички систем, вложува огромни напори за усогласување на македонската статистика со Евростат преку усвојување и спроведување на стандардите на ЕУ - Кодексот за работа на европската статистика, регулативи и директиви на ЕУ, европски класификации, усогласување на економската статистика, механизми за обезбедување квалитет.

Овој процес на усогласување е клучен за обезбедување веродостојни и споредливи податоци, што е од клучно значење за креирање политики и следење во контекст на интеграцијата во Европската Унија.

Државниот завод за статистика, како и секоја година, го одбележува Денот на европската статистика, а годинава тоа ќе го направи заедно со студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип каде што директорот на Заводот, д-р Дејан Станков, ќе одржи пригодно предавање  на тема „Официјалната статистика, прозорец за разбирање на општеството“, а заедно со ректорот на Универзитетот, проф. д-р Дејан Мираковски, ќе потпишат Меморандум за соработка со кој ќе се продлабочи и унапреди соработката меѓу двете институции.


 




© Државен завод за статистика