Како овластен носител на статистичкиот систем во Република Македонија, Државниот завод за статистика е обврзан на јавно соопштување во случај на погрешно толкување или злоупотреба на статистичките податоци, во согласност со член 9-а од Законот за државната статистика.
Се работи за текстот под наслов „Над 300.000 Македонци живеат со 5 долари на ден“, објавен во „Утрински весник“ од 5.10.2016 година, за што Државниот завод за статистика го дава следното појаснување: 1. Во текстот се презентирани индикатори за стапка на сиромашни или социјално исклучени лица и за стапка на сиромаштија. Се работи за два сосема различни индикатора кои се објавени како во публикациите на ДЗС, така и на веб-страницата на Евростат. Во текстот не се прави разлика помеѓу двата индикатора со што се создава конфузија во содржината и читателите се доведуваат до забуна. 2. Во текстот се констатираат разлики помеѓу европските методолошки пресметки за сиромаштијата и македонските, при што се остава впечаток дека Државниот завод за статистика, односно Република Македонија, нарочно користи статистичка методологија за прикажување поповолни резултати. Нагласуваме дека при пресметките на индикаторите за сиромаштија не постојат методолошки разлики со земјите-членки на Европската Унија и Евростат. Државниот завод за статистика од 2010 година го спроведува истражувањето Анкета за приходи и услови за живеење или таканаречената EU SILC, кое претставува извор на податоци за сиромаштијата и социјалната исклученост. Истражувањето се спроведува во согласност со регулативите на Европскиот парламент и на Советот на Европа (Регулатива ЕЗ бр.1177/2003 како основа). Податоците од Анкетата се доставуваат до Евростат каде што се објавуваат на ниво на ЕУ и по поединечни земји. Во врска со споредбата на индикаторот за стапката на сиромаштија пред и после 2010 година, треба да се истакне дека до 2010 година ДЗС ги пресметуваше индикаторите на сиромаштија со друг извор и друга методологија која не беше споредлива со другите земји-членки на ЕУ. Од 2010 година наваму, пресметките се во целост хармонизирани според препораките на ЕУ и се меѓународно споредливи. 3. Во текстот во весникот стои: „Според нив, од 27,3 отсто во 2010 година, стапката на сиромаштија во 2014 година стасала до 24,2 проценти, односно во таа година 457 илјади лица живееле под прагот на сиромаштија”. Наведениот податок за стапката на сиромаштија во 2014 година е погрешен и треба да биде 22,1%. 4. Во наведениот текст, дел од податоците од публикацијата „Одржлив развој” се презентирани како податоци на Евростат. Нагласуваме дека податоците од публикацијата „Одржлив развој“ кои се однесуваат за Република Македонија се објавени од страна на ДЗС што е и наведено во самата публикација. Упатуваме корисниците да го имаат предвид јавното соопштение при користењето на податоците од публикацијата „Одржлив развој, 2016“.