Во периодот 16-17.03.2016 година во Букурешт се одржа Работилница за модернизација на европскиот статистички систем (ЕСС), организирана од Евростат, на којашто учествуваше и директорот на ДЗС, г-ѓа Лидија Костовска. Оваа работилницата претставува форум на којшто ЕСС заедницата ги презентира и дискутира различните аспекти на иницијативите за модернизација, а воедно и надополнување на успешното искуство од претходната Работилница на истата тема, одржана во 2014 година, во Валенсија. Програмата на Работилницата беше организирана во паралелни сесии на кои се обработуваа меѓусебно поврзани теми. Заедно со колегите од земјите од Европската Унија, г-ѓа Костовска имаше можност да дискутира за одржливоста на модернизацијата, а особено за можните придобивки од резултатите што ги даваат проектите ESSnet и ESS.VIP. Дел од сесиите беа од технички карактер и ги опфаќаа темите: „Големи податоци“, „Валидација и интеграција“ на различни извори на податоци и „Дисеминација на статистики“, овозможувајќи прилика за пренесување и дискутирање на резултатите од неколку проекти и иницијативи на Евростат и националните статистички заводи. Исто така, беа одржани и сесии посветени на националните планови за модернизација на статистиката, како и за вмрежување.