Во рамките на одбележувањето на Европскиот ден на статистиката, 20 октомври, вчера се одржа настан посветен на проектот што Државниот завод за статистика го работи заедно со Шведскиот завод за статистика и кој е насловен: „Зголемување на достапноста и употребата на официјалните статистики во Северна Македонија“, а финансиран од Шведската агенција за развој СИДА.
На настанот свои обраќања имаа државниот секретар во Министерството на надворешни работи, г-ѓа Калинка Габер, амбасадорката на Шведска, г-ѓа Кристин Форгсен Бегтсон, гувернерката на НБРМ, г-ѓа Анита Ангеловска Бежоска и двајцата директори на статистичките заводи на Шведска и Северна Македонија, г. Јоаким Стимне и г.Апостол Симовски.
Во вториот дел од настанот се одржа панел-дискусија на која се разговараше за практиките на комуникација и користење на статистичките податоци во Северна Македонија и во Шведска, следењето на употребата на официјалните статистики и интеракцијата со давателите и корисниците на статистичките податоци. Во панел-дискусијата зедоа учество и тројца независни панелисти – Билјана Дуковска, претседател на Платформата за справување со сиромаштијата, Бојан Кордалов, комуниколог и Џабир Дерала, претстедател на Цивил, кои го искажаа своето мислење за употребата на податоците, начинот на нивното користење, отвореноста и транспарентноста на Државниот завод за статистика и меѓусебната комуникација.
Генерален е заклучокот дека официјалните статистички податоци се основата на секоја развојна политика, секоја стратегија, но и основа за донесување на секојдневни одлуки на секој еден од нас. Зголемувањето на достапноста и употребата на официјалните статистики е од суштинска важност во денешното опкружување преполно со огромен број на податоци од секаков вид кои често доведуваат до заблуди, погрешни толкувања и, на крај, погрешни одлуки. Оттаму, градењето доверба и зголемувањето на свеста за употребата на официјалните статистики ќе придонесе за забрзување на демократските процеси до државата, но и ќе помогне во креирањето на инклузивни политики на сите нивоа на управување во државата.
Проектот на кој работат Државниот завод за статистика и Статистика Шведска ги обработува токму овие теми и се очекува дека резултатите ќе придонесат за поголема и полесна достапност на официјалните статистики што од друга страна ќе придонесе за зголемување на нивното користење особено при проверката на фактите и дисквалификацијата на лажните вести со кои е преплавен медиумскиот простор насекаде во светот.