За Државниот завод за статистика
Статистичките информации во денешно време се од суштинско значење за процесот на одлучување во едно општество.
Државниот завод за статистика е стручна и самостојна организација во рамките на државната администрација во Република Северна Македонија. Основни функции на институцијата се прибирање, обработка и дисеминација на статистички податоци за демографските, социјалните и економските појави во македонското општество.
Освен тоа, Државниот завод за статистика е основен носител и координатор на статистичкиот систем на земјата, тој е одговорна институција за меѓународната соработка во областа на статистиката, како и за дефинирање на статистичките методологии и стандарди и за обезбедување заштита на индивидуалните податоци што се прибираат од индивидуални лица и од правни субјекти.
Државниот завод за статистика својата дејност ја реализира во согласност со Законот за државната статистика (1997, 2007, 2011, 2013, 2014, 2015, 2016, 2018 и 2020) заедно со другите учесници во статистичкиот систем на државата дефинирани со Програмата за статистички истражувањa .
Официјалната статистика се продуцира во согласност со принципите за неутралност, стручна независност, објективност, рационалност и заштита на индивидуалните податоци.
Стратешките цели и основните вредности се дефинирани во Стратeгискиот план, и според овој документ визијата на Државниот завод за статистика е да биде препознаен како институција што обезбедува квалитетни, навремени и меѓународно споредливи статистички податоци.
Државниот завод за статистика е лоциран во Скопје и во институцијата работат 228 лица (160 во Централниот завод и 68 лица во 8-те регионални одделенија).
Од август 2024 година со Државниот завод за статистика раководи д-р Дејан Станков кој за својата работа одговара пред Владата на Република Северна Македонија. Во согласност со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор во декември 2020 година донесена е новата организациска шема на институцијата .
Стручно и советодавно тело на државната статистика е Советот за статистика . Членовите на Советот се именувани од Собранието на Република Северна Македонија.
Државниот завод за статистика со благодарност ќе ги прими мислењата и предлозите ( е- пошта: info@stat.gov.mk) од пријателите на македонската статистика за подобрување на достапноста на статистичките податоци.
|