Skip Navigation LinksНасловна За Државниот завод за статистика
Веб-страницата www.stat.gov.mk користи колачиња кои се потребни за целосна функционалност на страницата. Со Вашето присуство на нашата веб-страница се подразбира дека се согласувате за користењето на овие колачиња. За повеќе детали прочитајте ја Политиката за колачиња.


 
Партнерско оценување на спроведувањето на Кодексот за работа на европската статистика во Република Македонија и координативната улогата на Државниот завод за статистика

Овој извештај од партнерското оценување е дел од серијата оценки, кои имаат за цел да се оцени степенот до кој националните статистички институции (НСИ) од земјите-кандидати се усогласени со Кодексот за работа на европската статистика (КЗР). Оваа серија оценки се базира на слична рунда партнерски оценувања спроведени во земјите-членки на ЕУ, при што, колку што е можно, се применува истата методологија, делумно приспособена за земјите-кандидати.

Кодексот, кој претставува заедничка рамка за квалитет на Европскиот статистички систем (ЕСС), за прв пат беше усвоен во 2005 година од Комитетот за статистичка програма и ажуриран во 2011 година од неговиот наследник, Комитетот на европскиот статистички систем. Кодексот - 15 принципи и соодветни индикатори – ги опфаќа институционалната околина, процесите на статистичко производство и резултатите на европската статистика. ЕСС е посветен на целосна усогласеност со Кодексот и работи на неговото целосно спроведување. Периодичните оценувања служат за да се добие преглед на напредокот кон постигнувањето на оваа цел.

Првата рунда оценувања во земјите-членки на ЕУ во периодот 2006-2008 година беше проследена со рунда „поедноставени“ партнерски оценувања и приспособени глобални оценувања во земјите кандидати во периодот 2010-2012 година. Поедноставените партнерски оценувања имаа за цел да утврдат како НСИ напредуваат во спроведувањето на одредени делови од Кодексот кои се однесуваат на институционалната средина и на дисеминацијата на статистичките податоци (Принципи 1-6 и 15). Ова резултира со извештаи за секоја оценета НСИ, кои се достапни на веб- страницата на Евростат. Овие извештаи вклучуваат и активности за подобрување што ги опфаќаат сите принципи на Кодексот. Исто така, извештаите беа основа за годишно следење на спроведувањето на Кодексот во земјите-кандидати во периодот 2011-2015 година.

Во согласност со спроведените оценувања во земјите-членки на ЕУ во 2014-2015 година, обемот на втората рунда оценувања е поширок: оценката на усогласеност со Кодексот ги опфаќа сите принципи; се оценува усогласеноста со Кодексот на другите национални производители на официјална статистика (како и на НСИ) во секоја земја; се разгледува начинот на кој статистичките институции ги координираат производството и дисеминацијата на официјалната статистика во рамките на нивните статистички системи.

Со цел да се добие објективна слика, партнерските оценувања ги спроведуваат независни оценувачи и се применува пристап сличен на ревизија, при што сите одговори на прашалникот за самооценување мора да бидат поткрепени со докази. Секое партнерско оценување во земјите-кандидати се спроведува од тројца оценувачи и се состои од четири фази: пополнување прашалници за самооценување од; оценка од оценувачите; посета на оценувачите и подготовка на извештаи за резултатите.

Оценувањето на Република Македонија беше спроведено од г. Ричард Алдрит, г-ѓа Изабел де Пурбе и г. Торбјорн Карлквист (претставник на Евростат), кои спроведоа партнерско оценување во Скопје, во периодот од 13 до 16 февруари 2017 година.

Овој извештај се фокусира на усогласеноста со Кодексот и на координацијата на официјалната статистика во рамките на Националниот статистички систем. Извештајот е насочен кон идните мерки за подобрување и не се фокусира на настани во минатото. Во извештајот се нагласени некои од сегашните предности на статистичкиот систем и тој содржи препораки за подобрување.

Преземете го документот во целост на следниот линк и активностите за подобрување на следниот линк.


     

© Државен завод за статистика