Skip Navigation LinksНасловна За Државниот завод за статистика
Веб-страницата www.stat.gov.mk користи колачиња кои се потребни за целосна функционалност на страницата. Со Вашето присуство на нашата веб-страница се подразбира дека се согласувате за користењето на овие колачиња. За повеќе детали прочитајте ја Политиката за колачиња.


 
Пристап до анонимизирани микроподатоци за научно-истражувачки цели
 
Пристапот до анонимизирани микроподатоци е сѐ позначаен за научно-истражувачката заедница. Државниот завод за статистика на Република Македонија (ДЗС) обезбедува пристап на истражувачите до расположливите анонимизирани микроподатоците во согласност со воспоставените добри пракси во Европскиот статистички систем. Пристапот се овозможува под услов да се исполнети обврските за доверливост кои произлегуваат од Законот за државната статистика („Службен весник на Република Македонија” бр. 54/1997, 21/2007, 51/2011, 104/2013 , 42/2014 и 192/2015 и 27/16) и правилниците и интерните процедури во ДЗС. Секој пристап до анонимизираните микроподатоците се овозможува со примена на јасни и строги услови и процедури, кои внимателно се мониторираат за да не се прекршат законски утврдените принципи за заштита на доверливоста на статистичките податоци.
Анонимизираните микроподатоци се индивидуални статистички записи на кои се применети статистички методи за заштита од статистичко разоткривање со што е оневозможена идентификација на статистичките единици на кои се однесуваат.
 
Во согласност со законските прописи и меѓународните пракси, директорот на ДЗС воспостави советодавно тело - Комитет за статистичка доверливост. Комитетот ги разгледува барањата за добивање на пристап до анонимизирани микроподатоци и исполнувањето на потребните услови. Правото за пристап до анонимизирани микроподатоци се базира на договор потпишан од страна на ДЗС и истражувачот (или институцијата) и на потпишана декларација за заштита на доверливоста на податоците.
Работата со анонимизирани микроподатоци е овозможена во – работно опкружување за истражувачите „безбедна соба“ во ДЗС каде што истражувачот може да ги анализира анонимизираните микроподатоци. Во безбедната соба ДЗС обезбедува заштитена работна станица и софтвер (Microsoft Office, SAS, STATA).
Сите излезни резултати, во електронски формат, мора да бидат проверени и одобрени од страна на ДЗС пред да бидат изнесени од безбедната соба.
Истражувачот кој бара пристап до анонимизирани микроподатоци треба да ги исполнува следните услови:
  • да достави предлог за истражувањето во којшто детално се прецизирани целите и очекуваните резултати од предложената истражувачка работа;
  • од истражувачкиот предлог мора да произлегува дека за спроведување на истражувањето не постојат алтернативи на користењето на анонимизирани микроподатоци;
  • да се согласи за ДЗС да биде обезбедена копија од сите резултати кои ќе бидат достапни до јавноста.
Истражувачот се обврзува на следното:
  • пристапот до анонимизираните податоци кој е дозволен за една цел да не смее да се користи за друга цел, без претходно добиена согласност од ДЗС;
  • да обезбеди одредени информации за плановите за публикување на излезните резултати;
  • при публикувањето на излезните резултати јасно да биде наведено дека изворот на податоците од кои се подготвени резултатите е Државниот завод за статистика.
Генерално, пристап до податоците може да се даде доколку целта за која се бараат податоците и истражувачкиот предлог се усогласени. ДЗС ќе обезбеди пристап до делот од податоците кои се неопходни за реализација на истражувањето и ќе го определи соодветното ниво на заштита кое се бара за податоците. Истотака, ќе обезбеди пристап и до достапните микроподатоци, метаподатоци и информации за квалитетот на податоците со цел да се обезбеди ефективно користење на податоците.
 
Државниот завод за статистика нема да дозволи пристап до микроподатоците, прибрани врз основа на Законот за државна статистика, за комерцијални цели.
 
 
Достапни документи:
  1. Образец за барање пристап до анонимизирани микроподатоци
  2. Упатство за организација на работата во безбедната соба

     

© Државен завод за статистика