За Државниот завод за статистика
Статистичките информации во денешно време се од суштинско значење за процесот на одлучување во едно општество.
Државниот завод за статистика е стручна и самостојна организација во рамките на државната администрација во Република Северна Македонија. Основни функции на институцијата се прибирање, обработка и дисеминација на статистички податоци за демографските, социјалните и економските појави во македонското општество.
Освен тоа, Државниот завод за статистика е основен носител и координатор на статистичкиот систем на земјата, тој е одговорна институција за меѓународната соработка во областа на статистиката, како и за дефинирање на статистичките методологии и стандарди и за обезбедување заштита на индивидуалните податоци што се прибираат од индивидуални лица и од правни субјекти.
Државниот завод за статистика својата дејност ја реализира во согласност со Законот за државната статистика (1997, 2007, 2011, 2013, 2014, 2015, 2016, 2018 и 2020) заедно со другите учесници во статистичкиот систем на државата дефинирани со Програмата за статистички истражувањa .
Официјалната статистика се продуцира во согласност со принципите за неутралност, стручна независност, објективност, рационалност и заштита на индивидуалните податоци.
Стратешките цели и основните вредности се дефинирани во Стратeгискиот план, 2022-2024 и според овој документ визијата на Државниот завод за статистика е да биде препознаен како институција што обезбедува квалитетни, навремени и меѓународно споредливи статистички податоци.
Државниот завод за статистика е лоциран во Скопје и во институцијата работат 288 лица (195 во Централниот завод и 93 лица во 8-те регионални одделенија).
Од јули 2017 година со Државниот завод за статистика раководи Апостол Симовски кој за својата работа одговара пред Владата на Република Северна Македонија. Во согласност со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор во декември 2015 година донесена е новата организациска шема на институцијата .
Стручно и советодавно тело на државната статистика е Советот за статистика . Членовите на Советот се именувани од Собранието на Република Северна Македонија.
Државниот завод за статистика со благодарност ќе ги прими мислењата и предлозите ( е- пошта: info@stat.gov.mk) од пријателите на македонската статистика за подобрување на достапноста на статистичките податоци.
|