Извештај од Европската комисија за 2022 год.
Поглавје 18: Статистика
Правилата на ЕУ наложуваат земјите членки да се оспособат да изготват статистики со добар квалитет, во согласност со начелата на Кодексот за работа на европската статистика и врз основа на професионална независност, непристрасност, веродостојност, транспарентност и доверливост. Предвидени се заеднички правила за методологија, производство и дисеминација на статистички информации.
Земјата е умерено подготвена во областа на статистиката. Постигнат е добар напредок, особено со објавувањето на првата серија податоци од пописот на населението во пролетта 2022 година. Забележани се подобрувања во сите статистички области и во натамошното усогласување на секторските статистики со стандардите на ЕУ, вклучително и преку зголемена примена на административни извори. Потребни се континуирани напори за подобрување на опсегот и на квалитетот на податоците од макроекономската и социјалната статистика. Со оглед на тоа што минатогодишните препораки не беа целосно спроведени, во наредната година земјата особено треба:
-
да ги објави сите резултати од пописот на населението до крајот на 2022 година и да осигури дека резултатите од пописот се земени предвид во донесувањето одлуки и во распределбата на средства;
-
итно да обезбеди соодветна кадровска екипираност и доволно финансиски средства за Државниот завод за статистика;
-
да продолжи да ги усогласува финансиските сметки и кварталните национални сметки со Европскиот систем на сметки 2010 (ЕСС 2010);
Правната рамка за статистичката инфраструктура во голема мера е усогласена со Кодексот за работа на европската статистика. Во декември 2021 година Државниот завод за статистика (ДЗС) започна со подготовка на нова програма за статистички истражувања за 2023-2027 година во консултација со чинителите. Во однос на другите главни производители на официјална статистика, Народната банка останува целосно усогласена со Кодексот за работа на европската статистика. Министерството за финансии сè уште нема назначено раководител за статистика. Опремата за зачувување резервни податоци на Државниот завод за статистика е оперативна и поставена е во националниот Центар за санирање од катастрофи во Прилеп, со што секојдневно се зачувуваат резервни податоци на ДЗС. На крајот од 2021 година ДЗС донесе нова Комуникациска стратегија за употреба на социјалните медиуми. Во текот на извештајниот период ДЗС донесе неколку стратегиски документи поврзани со управувањето со квалитетот, како што се Индикатори за квалитет, Политика за квалитет и Патоказ за воведување внатрешна ревизија на квалитет. Продолжи трендот на намалување на човечките ресурси на државниот статистички систем, при што не беше одобрен финансискиот план на ДЗС за нови вработувања во 2021 и во 2022 година. Во 2021 и во 2022 година беа намалени годишните буџети за тековни активности на ДЗС, со што продолжи негативниот тренд.
Во однос на класификациите и регистрите, главните класификации се во согласност со правото на ЕУ и редовно се ажурираат. Постигнат е напредок во примената на извори на административни податоци, вклучително и во примената на комбинираната методологија за попис на населението. Во јуни 2022 година ДЗС започна со тестирање на новиот логички дизајн на Статистичкиот деловен регистар. Во октомври 2021 година беше направен редизајн на административниот регистар на земјоделски стопанства чии податоци редовно се внесуваат во Статистичкиот регистар на земјоделски стопанства. Како резултат на одржаниот попис подобрени се достапноста и квалитетот на податоците, но сè уште е потребно дополнително да се усогласат со новите барања. Преносот на податоци до Евростат дополнително се зголеми, но и натаму е нецелосен.
Земјата постигна добар напредок во областа на макроекономската статистика. ДЗС продолжи со подобрувањето на статистиката за постапката за прекумерен дефицит (ППД) во однос на покриеноста и конзистентноста меѓу финансиските и нефинансиските податоци. ДЗС го достави известувањето за ППД за октомври 2021 година, вклучително и соодветните анекси. Сепак, покриеноста на ППД и статистиката за јавните финансии, која се добива преку Програмата за пренос на ЕСА 2010, треба дополнително да се прошират. Во април 2022 година беше извршен пренос на статистиката за трговија по валута на фактура (ТВФ) до Евростат во согласност со најновите стандарди на ЕУ.
Народната банка продолжи да доставува податоци за резерви за годишните финансиски сметки (серија податоци за 2013-2020 година) до Евростат и напредуваше во подготовката на експериментални податоци за квартални финансиски сметки (резерви и текови), податоци за годишни текови (според (пот)сектори и финансиски инструменти). Во септември 2021 година Народната банка достави до Евростат подетални податоци за приходите од СДИ (според активност и географска распределба), како и за состојбата и трансакциите на СДИ (податоци со вкрстена табулација според активност и географска распределба) за 2020 година.
Постигнат е добар напредок во областа на деловната статистика. Во однос на статистиката за странски филијали, беа објавени податоци за 2019 година. Во јуни 2021 и во јуни 2022 година ДЗС ги спроведе првото и второто пилот-истражување за Статистиката за меѓународна трговија со услуги (ИТСС), но без географска распределба. Првичните активности за воспоставување економски сметки за туризмот постигнаа добар напредок.
Постигнат е многу добар напредок во однос на социјалната статистика. Особено е значаен напредокот постигнат со пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој беше спроведен од 5 до 30 септември 2021 година. И покрај предизвиците, сите планирани активности за пописот беа завршени навреме. Беше применет иновативен комбиниран метод на попишување со административни регистри и теренско попишување. Првите резултати од пописот беа објавени во март, април и во јуни 2022 година. Целосниот збир резултати од пописот, вклучително и податоците за домаќинствата и за географската мрежа, се објавуваат во серии. Ова претставува големо достигнување: ажурираните податоци за населението се од суштинско значење за планирањето и спроведувањето соодветни социјални, демографски и економски политики за доброто на сите граѓани. Преносот на податоци од истражувањето за приходите и условите за живот и статистиката за криминал е одложен поради недостиг на кадар. Постигнат е напредок во статистиката за пазарот на труд. Во тек се активности за добивање податоци од административните регистри за статистика во областа на образованието.
Во областа на земјоделската статистика, ДЗС започна со подготовки за Пописот на земјоделството, за што беше спроведен пробен попис во јуни 2022 година. Методологијата е усогласена со стандардите на ЕУ. Во јуни 2022 година беа изработени и објавени податоци за статистиката за рибарството, со цел усогласување со стандардите на ЕУ. Подобрена е статистиката за органското производство. Во врска со статистиката за шумарството, ДЗС го преработи истражувањето за шумски пожари и во декември 2021 година ги објави податоците од ад хок истражувањето.
Во областа на статистиката за енергетика и животна средина, статистиката за трошоците за заштита на животната средина, статистиката за отпад, статистиката за вода и статистиката за даноци поврзани со животната средина беа дополнително усогласени со правото на ЕУ. Во октомври 2021 година првпат ДЗС достави податоци до Евростат што содржат изработени табели за трошоци за заштита на животната средина (ЕПЕА) и извештаи за квалитет со првични податоци изработени за секторот на стоки и услуги поврзани со животната средина, сметки за емисиите во воздухот и сметки за физичките текови на енергија. Составувањето табели за трошоци за животната средина за Владата не е реализирано. Редовно се доставуваат податоци за сметки за текови на материјали, иако сè уште не се вклучени билансите на текови на материјали. Потребна е поголема сеопфатност на енергетските биланси со вклучување на соларната топлинска енергија. Резултатите од истражувањето врз основа на примерок за потрошувачката на енергија во домаќинствата беа објавени во 2021 година.
Извештај од Европската комисија, 2021
Извештај од Европската комисија, 2020
Извештај од Европската комисија, 2019
Извештај од Европската комисија, 2018
Извештај од Европската комисија, 2016
Извештај од Европската комисија, 2015
Извештај од Европската комисија, 2014
Извештај од Европската комисија, 2013
Извештај од Европската комисија, 2012
Извештај од Европската комисија, 2011
Извештај од Европската комисија, 2010
Извештај од Европската комисија, 2009
Извештај од Европската комисија, 2008
Извештај од Европската комисија, 2007