Меѓународна стандардна класификација на образованието - МСКОБ- ISCED 2011
Меѓународната стандардна класификација на образованието (МСКОБ-ISCED 2011) е создадена да послужи како соодветен инструмент за прибирање, средување и претставување на споредливи показатели и статистички податоци за образованието како на државно, така и на меѓународно ниво.
ISCED ги опфаќа сите видови на организирани и континуирани типови на образование на деца, адолесценти и возрасни, вклучувајќи ги и оние со специјални потреби, без оглед на институцијата што го обезбедува образованието и без оглед на тоа во која форма се обезбедуваат.
MСКОБ - ISCED ги класифицира образовните програми според содржината по две главни оски:
- степени на образование и - полиња (подрачја) на образование.
Првата препорака, која се однесува на меѓународната стандардизација на статистиката на образованието, е прифатена од Генералната конференција на UNESCO уште во 1958 година. Така е создадена ISCED, како соодветен систем за процена, обликување и претставување на статистичките податоци во секоја земја одделно, а исто така, и на меѓународно ниво. Како таква е прифатена на Конференцијата за образование во 1975 година, а веднаш потоа и е одобрена од Генералната конференција на UNESCO. Меѓутоа, со текот на времето се јави потреба од нејзино осовременување и ревидирање и за таа цел е направена ревизија на Класификацијата на образованието и е создадена ISCED 97. Таа беше во употреба до крајот на 2013 година. Како резултат на научно-технолошкиот развој, се појавуваат различни форми на професионално образование и обука, т.е. нови степени на образование кои резултираат во ревидирање на оваа класификација во ISCED 2011.
Во рамките на процесот на трансформација на статистичкиот систем во правец на обезбедување на статистички податоци за потребите на пазарниот начин на стопанисување, како и воспоставување на хармонизиран статистички систем со земјите-членки на Европската унија и пошироко, една од приоритетните задачи на Државниот завод за статистика беше усогласување на националните класификации и номенклатури со меѓународните. Заради тоа Државниот завод за статистика во соработка со Министерството за образование и наука го изработи документот Системот на образование во Република Македонија во однос на ISCED 2011. Меѓународната стандардна класификација на образованието - МСКОБ (ISCED 2011) претставува национален стандард, донесен со Одлука на Владата на Република Македонија (Одлука за сведување на системот на податоците од образованието во Република Македонија со Меѓународната стандардна класификација на образованието - ISCED 2011, “Службен весник на РМ” бр.177/2013).
Со Препораката на Генералното собрание на UNESCO е назначено дека: не е задолжително земјите-членки на UNESCO да го напуштат својот национален систем на образованието. Задолжително е единствено да изработат систем на сведување на националните податоци на меѓународните стандарди. Почнувајќи од 2014 година, МСКОБ (ISCED 2011) ќе се употребува во сите статистички истражувања кои содржат прашања од областа на образованието.
Со примената на МСКОБ (ISCED 2011) се олеснува трансформацијата на националните статистички податоци за образованието во агрегирани категории кои се меѓународно споредливи.
Во однос на ISCED полињата на образование, UNESCO работи на измените во деталните описи на ревидираните полиња кои планира да бидат завршени кон крајот на 2014 година. За таа цел, на интернет-страницата на Заводот сè уште ќе биде поставена и ISCED 97 во која е даден Прирачникот за полиња (подрачја) на образование и обука во ISCED 97.
ISCED 97
Преземи последна класификација
|