Класификација на производи по дејности, КПД 2015
Класификацијата на производи по дејности - КПД 2015 е класификација што се користи за прибирање, обработка и публикување на статистичките податоци во Република Македонија.
Класификацијата на производи по дејности - КПД 2015 е дел од интегрираниот и хармонизиран систем на статистички класификации. Како производна класификација, таа е дизајнирана по категории на производи (стоки и услуги), кои имаат заедничка карактеристика и обезбедуваат основа за подготовка на производната статистика, дистрибутивната трговија, потрошувачката, надворешна трговија и за транспортот на производи.
Класификацијата на производи по дејности - КПД 2015 е донесена со Одлука на Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 126/2015 од 27.07. 2015 г. и 135/2015 (исправка) од 07.08. 2015 г.).Основната цел на Класификацијата на производи по дејности е да обезбеди основа за споредливост на статистичките податоци на Република Македонија на европско и на светско ниво.
Класификацијата на производи по дејности - КПД 2015 е усогласена во целост според содржината и структурата со Европската класификација на произоводи по дејности - Classification of products by activity CPA 2.1.
Концептуалниот метод на производите во Класификацијата е предводен од воведувањето на принципот за широк концепт на стоки и услуги. Тоа значи дека тековната ревизија на Класификацијата е резултат на обврската за систематско подобрување на Класификацијата и нејзина подготвеност во секое време да одговори на потребите на постојната економија и на современата технологија.
Класификацијата на производи по дејности - КПД 2015 има 21 сектор, 88 оддели, 262 групи, 576 класи, 1356 категории и 3219 поткатегории. Зголемувањето на бројот на поткатегориите е резултат на подеталното расчленување, односно на воведувањето нови поткатегории во секторите Земјоделство, Преработувачка индустрија, Градежништво, а особено во секторите на Услужни дејности. Подеталното расчленување на услужните дејности, поточно воведувањето нова група 72.0 - Услуги за научноистражувачки развој, нова класа 72.00 - Услуги за научноистражувачки развој, како и 7 нови категории и 26 нови поткатегории во одделот 72 - Услуги за научно истражување и развој од секторот М/К - Стручни, научни и технички услуги, резултира со зголемување на бројот на групи, класи, категории, како и поткатегории.
Националната класификација на производи по дејности - КПД 2015 се применува од следниот ден по денот на објавувањето на Одлуката за утврдување на Класификацијата на производи по дејности, КПД 2015 во „Службен весник на Република Македонија“.
- Класификација на производи по дејности, 2015
Претходни класификации: - Класификација на производи по дејности, 2008
Преземи последна класификација
|