+A   |  -A
ппп: 404 | ввв: 83442
Skip Navigation LinksНасловна Статистики по области
          
 



Социјална и здравствена заштита

Статистичките податоци за социјалната заштита на деца, млади и возрасни лица и на детската заштита се прибираат со редовни годишни истражувања.

Социјалната заштита ги опфаќа  податоците за:

  • малолетни и за полнолетни корисници на социјална заштита и формите, мерките и услугите;
  • организациите за сместување и згрижување деца без родители и родителска грижа;
  • организациите за згрижување лица со посебни потреби;
  • заводите, установите за згрижување и образование деца и млади со воспитно-социјални проблеми;
  • установите - домови за возрасни лица;
  • организациите за професионална рехабилитација;
  • меѓуопштинските центри за социјална работа и
  • домовите за ученици и студентските домови.

Детската заштита ги опфаќа податоците за:

  •  додатоците за:деца и
  • за јавните установи за згрижување и воспитание на деца - детски градинки.

Податоците за малолетните и за полнолетните корисници и форми, мерки и услуги на социјалната заштита и податоците за додатоците за деца се прибираат со редовно годишно истражување, со состојба од 1 јануари до 31 декември.

Податоците за организациите за сместување деца, млади и возрасни лица и за меѓуопштинските центри за социјална работа се прибираат со редовно статистичко истражување, со состојба 31 декември.
Домовите за ученици и студентските домови обезбедуваат сместување, исхрана и воспитание на ученици (во основни и во средни училишта и во средни верски училишта) и студенти за време на школувањето, надвор од местото на живеење на родителот - издржувателот.
Податоците за домовите за ученици во основните и во средните училишта, домовите за ученици во средните верски училишта и за домовите за студенти што се школуваат надвор од местото на живеење на родителот - издржувателот се со состојба 31 март.

Податоците за јавните установи за згрижување и воспитание на деца - детски градинки се прибираат со редовно годишно истражување, со состојба на 30 септември. Јавните установи за згрижување и воспитание на деца - детски градинки обезбедуваат здравствена заштита, исхрана и дневен престој на деца во согласност со нивните развојни потреби на возраст до 6 години, во повеќе видови групи.
Детските јасли ја вршат функцијата на комплетна нега и остваруваат одредено воспитно влијание врз децата на возраст до 2 години.
Градинките (мала, средна и голема група) систематски се занимаваат со воспитание и образование на деца на возраст од 3 години до 6 години.
Комбинираната група на деца систематски се занимава со згрижување, воспитание и образование на деца на возраст од 12 месеци до 6 години.
Деца со пречки во интелектуалниот или во физичкиот развој се сметаат: слепи и слабовидни деца, глуви и наглуви деца, деца со пречки во говорот, деца со телесна инвалидност, како и деца со тешкотии во однесувањето и личноста. Згрижувањето и воспитанието на овие деца се организирани во редовните групи.
Групите за вонинституционална форма на активност се наменети за деца на возраст од 3 години што опфаќаат игровни активности, креативни работилници, детски работилници од областа на културата и на уметноста, спортски активности и слично.

Додатоците за деца (додаток на деца, посебен додаток и учество во опремување на новороденото дете) се посебни облици на заштита на деца - месечна парична помош на семејства со ниски лични примања.
Додатокот за деца се остварува во зависност од бројот на децата во семејството, од возраста на детето и од материјалната состојба на семејството.
Посебен додаток остварува дете со тешки, потешки и најтешки пречки во психичкиот и физичкиот развиток.
Учество во опремувањето на новороденото дете се обезбедува за првото новородено дете во вид на опрема.



 
 




Клучни показатели
 
  Малолетни корисници на социјална заштита  ( 2011) : 21756

  Полнелетни корисници на социјална заштита  ( 2011) : 50304

  Домаќинства корисници на социјална парична помош  ( 2011) : 36991

  Корисници на додаток за деца  ( 2011) : 22626

  Деца корисници на посебен додаток  ( 2011) : 6504

  Деца во градинки  ( 2012) : 26885

Временска серија





Поими и објаснувања

Меѓуопштинските центри за социјална работа се институции што спроведуваат социјална заштита во една или во повеќе општини со примена на социјална работа.

Корисник на социјална заштита се смета секое физичко лице што користело некоја од формите, мерките или услугите на центрите за социјална работа во текот на извештајната година, еднаш или повеќепати.

Податоците за формите, мерките и услугите на социјална заштита се однесуваат на бројот на случаите на одредени форми, мерки и услуги спроведени во текот на извештајниот период, а не на бројот на лицата.

Организациите за сместување и згрижување деца без родители и родителска грижа обезбедуваат сместување, згрижување, здравствена заштита и воспитание на деца и млади на кои им е потребно сместување во дом. Тука спаѓаат домовите за доенчиња и за мали деца, детските домови и установите за згрижување деца и млади без родители и родителска грижа.

Организациите за згрижување лица со посебни потреби ги опфаќаат организациите што обезбедуваат сместување, исхрана, нега, здравствена заштита и воспитание на деца и млади попречени во развојот, за време на школувањето и оспособувањето.

Заводи, установи за згрижување и образование на деца и млади со воспитно- социјални проблеми опфаќаат установи и заводи - домови за воспитно запуштени деца и млади. Овие организации обезбедуваат сместување, воспитание, образование и стручно оспособување деца и млади.

Организациите за професионална рехабилитација се организации за стручно оспособување и вработување лица со намалена работна способност. Овие организации ги опфаќаат заводите - центрите и трговските друштва за стручно оспособување и вработување инвалиди. Корисници на овие организации се вработени инвалиди - инвалидни лица во завод - центар за стручно оспособување и трговски друштва за вработување инвалиди, а може да работат и дома во зависност од инвалидитетот и рехабилитанти - инвалидни лица што се наоѓаат на оспособување или преквалификација.

Установи - домови за возрасни лица обезбедуваат сместување, исхрана и здравствена заштита на возрасни лица. Тука спаѓаат домовите за стари и за изнемоштени лица.

Податоците за социјална парична помош се однесуваат на домаќинствата чии вкупни месечни приходи се помали од висината на утврдената социјална парична помош и тоа како разлика помеѓу вкупните просечни приходи на сите членови на домаќинството, по сите основи и висината на социјалната парична помош.

Додатоците за деца ги опфаќаат: додаток на деца, посебен додаток и учество во опремување на новороденото дете.

Jавните установи за згрижување и воспитание на деца - детски градинки ги опфаќаат: јаслите, градинките (мала, средна и голема група), комбинираната група, деца со пречки во интелектуалниот или во физичкиот развој и групите за вонинституционална форма на активност