+A   |  -A
ппп: 524 | ввв: 182048
Skip Navigation LinksНасловна Статистики по области
          
 



Попис на населението

На територијата на Република Македонија првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население. Постојат руски, француски, грчки и други извори на податоци за попишување на населението во 19-тиот век.

Првиот современ попис на територијата на Република Македонија е спроведен во 1921 година.

По Втората светска војна, во Република Македонија се спроведени 8 пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.

Пописот во 1991 година беше со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада.

Пописот во 1994 година е прв попис во Република Македонија по нејзиното осамостојување.

Пописот во 2002 година е последниот спроведен попис во Република Македонија.

Пописот претставува вкупен процес на:

- прибирање,

- обработка,

- оценка и анализа и

- дисеминација на податоци за населението, домаќинствата и становите во една држава.

Пописот е најобемно статистичко истражување во однос на единиците што се попишуваат и најмасовно во однос на бројот на учесниците што учествуваат во неговото спроведување. Пописот се подготвува неколку години пред неговото спроведување на терен, а податоците се обработуваат подолг временски период по прибирањето од теренот.

Целта на пописот е да обезбеди целосни, квалитетни, ажурни и меѓународно споредливи статистички податоци за населението, домаќинствата и становите за задоволување на потребите на корисниците во државата и во странство.

Притоа мора да се обезбеди континуитет и споредливост со податоците од минатите пописи.

Од пописот се обезбедуваат податоци за:

- бројот на населението и неговата територијална разместеност, како и за неговата структурата според демографски, географски, етнички, економски и социјални белези;

- бројот на домаќинствата и нивната територијална разместеност, како и податоци за структурата на домаќинствата според нивната големина, типот, семејниот состав и генерацискиот состав;

- бројот на живеалиштата според видот и нивната територијална разместеност, а за становите, во градежна смисла, се обезбедуваат и податоци за големината, опременоста со инсталации и помошни простории.

Агрегираните збирни податоци, добиени од податоците собрани со Пописот, се користат за:

- анализа и оценка на состојбите во економскиот и социјалниот развој;

- планирање на развојот во стопанството, образованието, здравството, домувањето и во другите економски и социјални сфери;

- следење на извршувањето на плановите;

- научни истражувања;

- статистички цели итн.

 
 




Клучни показатели
 
  Вкупно население  ( 2002) : 2022547

  Вкупен број на домаќинства  ( 2002) : 564296

  Вкупен број на станови  ( 2002) : 698143

Временска серија





Поими и објаснувања

Вкупно население

Вкупното население
го сочинуваат:

- Лицата кои имаат место на вообичаено живеење во Република Македонија, без оглед дали во моментот на Пописот се наоѓаат во местото на живеење или во друго место во Република Македонија;

- Странците кои имаат одобрение за престој во Република Македонија и се привремено присутни во Република Македонија најмалку 12 месеци (една година), но со место на вообичаено живеење надвор од Република Македонија;

- Лицата кои имаат место на вообичаено живеење во Република Македонија, а во времето на Пописот, но најдолго до 12 месеци (една година) пред неговото спроведување, се наоѓаат на работа во странство, како и членовите на нивните домаќинства;

- Лицата кои имаат место на вообичаено живеење во Република Македонија, а кои во времето на Пописот се на работа во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, Обединетите нации и нејзините организации, претставништвата или претставници на Стопанската комора во странство, деловни единици во странство, војни претставници на Армијата на Република Македонија во странство и граѓаните кои се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, школување, како и членовите на домаќинствата кои со наведените лица привремено престојуваат во странство;

- Лицата кои имаат место на вообичаено живеење во Република Македонија, а кои не ги поседуваат документите од член 39 точка 1 од Законот за Попис, доколку ги презентираат документите утврдени во член 39 точка 3 од Законот за Попис.

Домаќинства

Под домаќинство се смета секоја семејна или друга заедница на лица кои ќе изјават дека заедно живеат и заеднички ги трошат своите приходи за подмирување на основните животни потреби (домување, исхрана и друго), без оглед дали сите членови постојано се наоѓаат во местото каде што е населено домаќинството или некои од нив престојуваат определено време во друго населено место, односно странска држава, заради работа, школување или од други причини.

Под домаќинство се смета и секое лице кое живее само ("самечко домаќинство") и кое нема свое домаќинство во друго место.

Под домаќинство се смета и т.н. колективно домаќинство, т.е. домаќинство составено од лица кои живеат во установи за трајно згрижување на деца и возрасни, во манастири-самостани и во болници за сместување на неизлечиви болни.

Со Пописот се опфатени сите домаќинства (во согласност со дефиницијата за домаќинства) на лицата - единици на Пописот.

Податоците во Табелата се однесуваат на вкупниот број домаќинства во кои се вклучени индивидуалните и колективните домаќинства. Податоците за индивидуалните домаќинства се однесуваат на индивидуалните домаќинства со едно лице (т.н. самечки домаќинства) и индивидуалните домаќинства со повеќе лица.

Живеалишта

Податоците во Табелата се однесуваат на сите видови живеалишта.

Под живеалиште се подразбираат становите за живеење и другите населени простории или објекти кои не се наменети за живеење, но во времето на Пописот се користат за живеење.

Стан е градежно поврзана целина наменета за живеење, без оглед дали во моментот на Пописот се користи само за живеење, за живеење и вршење на дејност, само за вршење на дејност, за одмор и рекреација или се работи за ненаселен, а градежно исправен стан.

Под други живеалишта се подразбира друга населена просторија која не е наменета за живеење, населена деловна просторија, импровизирано живеалиште и колективно живеалиште.


 







© Државен завод за статистика