+A   |  -A
ппп: 301 | ввв: 101851
Skip Navigation LinksНасловна Статистики по области
          
 



Население

Статистиката на населението се однесува на нумеричките податоци за населението кое е предмет на набљудување и служи за следење и анализа на демогрaфските и социјалните промени и на причините што влијаат врз структурните промени на населението. Промените во структурата на населението секогаш настануваат како резултат на директното влијание на природното (наталитет и морталитет) и механичкото (миграции) движење на населението.

Извори на податоците за населението се пописите на населението спроведени во 1921, 1931, 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година, според единствени методологии и единствени обрасци, на сите подрачја од пописот.

Бројот на населението на средината на годината е пресметан врз основа на резултатите од пописите на населението и на податоците за природниот прираст, а во податоците од 1992 година наваму е вклучен и механичкиот прираст.

Евиденцијата на виталните настани може да се дефинира како евиденција на едно лице (поединец) од неговото раѓање до крајот на неговиот живот, вклучувајќи ги и промените на личниот статус на тоа лице, неговата граѓанска и брачна состојба. Извори на податоците за родените, живородените, мртвородените, умрените, како и за склучените бракови се матичните книги, а за разведените бракови - регистрите и актите на надлежните судови.

Миграциите директно влијаат врз зголемувањето или врз намалувањето на бројната состојба на населението. Истовремено, со менувањето на бројната состојба на населението, со оглед на релативно поголемата застапеност на младата, репродуктивно способна популација, се менува и старосно-половата структура на населението, со што индиректно се влијае врз интензитетот на природното движење на населението. Извори на податоците за механичкото движење на населението (преселувањата) се пријавите-одјавите за доселени-отселени лица што се пополнуваат во надлежните стручни служби на Министерството за внатрешни работи. Државниот завод за статистика, од 2009 година, евидентирањето на движењето и престојот на странците присутни во Република Македонија го врши со електронско преземање од евиденциските регистри на МВР.

Почнувајќи од 2004 година, Државниот завод за статистика ја применува методологијата на прикажување на податоците за виталните настани, при што во вкупниот број витални случаи се вклучени само настаните случени во Република Македонија. Врз основа на ваквата методологија, се пресметуваат и сите индикатори поврзани со виталните настани.

Според процената на населението (состојба 30.06.2016 година), во Република Македонија има 2 072 490 жители, а густината на населението изнесува 80.6 жители на км2. Во однос на стареењето на населението, во 2016 година, учеството на младото население (0-14 години) изнесува 16.6 %, додека учеството на старото население (65 и повеќе години) изнесува 13.1 %.

Во 2016 година, вкупно се родени 23 199 деца, од кои 23 002 живородени и 197 мртвородени деца. Според возраста на мајката, најголемо учество, односно 34.1% се живородени деца од мајки на возраст 25-29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 28.9 години, а 27.2 години на првите раѓања.

Вредностa на тоталната стапка на фертилитет (ТФР) во 2016 година изнесува 1.50 (живородени деца на една жена).

Со оглед на тоа дека најголемиот број од живородените деца ( 88.0%) во 2016 година се родени во брак, може да се каже дека намалувањето на фертилитетот е резултат на одложувањето на стапувањето во брак во повозрасните години. Бројот на склучените бракови во 2016 година изнесува 13 199 бракови, а бројот на разведени бракови изнесува 1 985. Просечната возраст при склучување на прв брак е 26.5 години за невестата и 29.3 години за младоженецот.

Промените во старосната структура на населението имаат своја рефлексија врз бројот на умренитe лица во државата. Бројот на умрените лица во 2016 година, изнесува 20 421 умрено лице. Просечната возраст кај умрените од машки пол изнесува 70.3 години, односно 74.7 години кај лицата од женски пол или за 4.4 години повисока просечна возраст се бележи кај жените.

Како најзастапени причини за смрт се: болестите на циркулаторниот систем кои учествуваат со 53.5%, потоа неоплазмите со 19.0 %, потоа ендокрините, нутритивните и метаболичните болести со 5.5% итн.

Како резултат на намалувањето на стапката на наталитетот и на зголемувањето на стапката на општиот морталитет, стапката на природниот прираст изнесува 1.2 ‰ (на илјада жители) во 2016 година.

Во 2016 година, во рамките на Република Македонија, 8 887 лица гио промениле местото и адресата на своето живеење, а салдото на надворешните миграции изнесува 2 144 лица.

 
 




Клучни показатели
 
  Стапка на наталитет  ( 2016) : 11.1 живородени на 1000 жители

  Стапка на природен прираст  ( 2016) : 1.2 на 1000 жители

  Вкупна стапка на фертилитет  ( 2016) : 1.50 живородени на една жена

  Стапка на морталитет  ( 2016) : 9.9 умрени лица на 1000 жители

  Стапка на смртност кај доенчињата  ( 2016) : 11.9 умрени доенчиња на 1000 живородени деца

  Стапка на нупцијалитет  ( 2016) : 6.4 склучени бракови на 1000 жители

  Стапка на диворцијалитет  ( 2016) : 1.0 разведени бракови на 1000 жители

  Салдо на миграции  ( 2016) : 2 144

  Население  ( 31.12.2016) : 2 073 702

Временска серија





Поими и објаснувања

Живородено дете - Живораѓање е комплетно исфрлање или вадење на производот на зачетокот од телото на мајката, независно од траењето на бременоста, кој по тоа одвојување дише или покажува други знаци на живот како отчукувања на срцето, пулсирање на папочната врвца или јасни движења на мускулите, без разлика дали папочната врвца била пресечена или е плацентата поврзана.

Мртвородено дете - Ако детето е родено или извадено од телото на мајката без никакви знаци на живот, т.е не дишело, ниту покажувало други знаци на живот (чукање на срцето, движење на мускулите), носено 28 и повеќе недели, се смета за мртвородено.

Природен прираст на населението - разлика меѓу бројот на живородените деца и бројот на умрените лица за определен временски период.

Стапка на наталитет - претставува однос меѓу бројот на живородените деца и просечниот број на населението на средината на годината за која се пресметува, пресметана на 1000 жители.

Стапка на природен прираст - покажува разлика меѓу живородените деца и бројот на умрените лица во однос на просечниот број на населението на средината на годината за која се пресметува, пресметана на 1000 жители.

Вкупна стапка на фертилитет - го покажува веројатниот просечен број на живородени деца што би ги родила една жена од набљудуваната генерација, во фертилниот период (15-49 години), под услов на исто влијание на специфичните стапки на фертилитетот, како и во набљудуваната година, без влијание на морталитетот.

Стапка на морталитет - го покажува соодносот на бројот на умрените лица во текот на целата година и просечниот број на население (на средината на годината) за таа година, пресметана на 1000 жители.

Стапка на смртност кај доенчињата - претставува сооднос на бројот на умрените доенчиња во текот на целата година и бројот на живородените деца во истата година, пресметана на 1000 живородени деца.

Умрено лице e секое живородено лице кај кое настанало траен престанок на сите витални функции.

Умрено доенче е дете што умрело пред да ја наврши првата година од животот.

Брак е заедница на живот на маж и жена уредена со закон, во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството.

Разведен брак е раскината брачна заедница со правосилна пресуда од надлежен суд.

Стапка на нупцијалитет - го покажува соодносот меѓу бројот на склучените бракови во текот на една година и бројот на населението на средината на истата година, пресметана на 1000 население.

Стапка на диворцијалитет - го покажува соодносот меѓу бројот на разведените бракови во текот на една година и бројот на населението на средината на истата година, пресметана на 1000 население.

Внатрешни миграции ги опфаќаат промените на местото на живеење во рамките на Република Македонија.

Надворешните миграции ги опфаќаат движењата на граѓаните на Република Македонија од Република Македонија во друга држава и обратно, како и движењето на странците.

Салдо на миграции на населението претставува разлика меѓу бројот на доселени и бројот на отселени лица на одредено подрачје или држава во одреден период.

Граѓаните на Република Македонија се лица со македонско државјанство и регистрирани со место на постојано и/или привремено живеалиште/престојувалиште во Македонија.

Граѓани на Република Македонија се жителите на Македонија што се лица со македонско државјанство и се сметаат како население на Македонија.

Странец е

- Лице со странско државјанство и со дозвола за постојан или за привремен престој во Република Македонија,

- Лице со странско државјанство и со валидна дозвола за работа или бизнис-виза што има регистрирано привремен престој во Република Македонија,

- Лице без основано државјанство или без државјанство што има регистрирано постојан или привремен престој во Република Македонија


 


© Државен завод за статистика