Поими и објаснувања
|
Расположливите средства на домаќинството ги опфаќаат паричните средства со кои располага домаќинството, вредноста на производите од сопствено производство употребени за лична потрошувачка (натурална потрошувачка) и вредноста на потрошувачките кредити и заеми подигнати и реализирани во тековната година.
Употребените средства на домаќинството ги претставуваат паричните издатоци за набавка на производи и услуги за лична потрошувачка, вредноста на натуралната потрошувачка и отплатениот дел од потрошувачките кредити и инвестициски заеми.
Линијата на сиромаштија е дефинирана како ниво на животен стандард што треба да се достигне за едно лице/домаќинство да не биде класификувано како сиромашно.
Релативна линија на сиромаштија - релативен стандард на опстојување определен како неопходно ниво на трошоци. Врз основа на утврдените нивоа на линијата на сиромаштија е пресметан процентот на лица чии трошоци се под нивото од 70% од медијалниот еквивалентен трошок.
Субјективна линија на сиромаштија - субјективен стандард на опстојување врз база на мислењата изразени од целата популација за нивото на приходите неопходни за да се избегне сиромаштијата.
Лаекен индикаторите за сиромаштија се меѓународно споредливи податоци, базирани на Анкетата за приходи и услови за живеење која е спроведена по препораките на Европската унија. Извор на пресметките на сиромаштијата се приходите а прагот на сиромаштија е дефинаран на 60% од медијалниот еквивалентен приход.
Домаќинство е секоја семејна или друга заедница на лица што ќе изјават дека живеат заедно и заеднички ги трошат своите приходи за намирување на основните животни потреби (домување, исхрана и др.), без оглед на тоа дали сите членови постојано се наоѓаат во местото каде што е населено домаќинството или некој од нив определено време претстојуваат во друго населено место, односно странска држава заради работа, школување или од други причини, при што престојот во странската држава не е подолг од 1 година.
|