Новосоздадени претпријатија во 2018 година
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2018 година биле регистрирани 6 307 новосоздадени претпријатија, што претставува 9.1 % од вкупно активните претпријатија, чија главна дејност според Националната класификација на дејностите – НКД, рев. 2 припаѓа во секторите на дејност од Б до О[1]). Во однос на 2017 година, забележано е намалување на новосоздадените претпријатија за 0.2 %.
Најголемиот дел од новосоздадените претпријатија (79 %) припаѓаат на услужните дејности, во чии рамки најмногу се од секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1 686), Други услужни дејности (763), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (650) и Стручни, научни и технички дејности (637). 13.3 % од новосоздадените претпријатија припаѓаат во секторот Индустрија, а во секторот Градежништво 7.7 %.
Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија според правната форма покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (69.9 %).
Згаснати претпријатија во 2018 година, прелиминарни податоци
Од вкупниот број активни претпријатија, во 2018 година згаснале 7.0 %, односно 4 885.
Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (34.9 %) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма најголем дел од згаснатите претпријатијата (73.7 %) се категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.
Новосоздадени претпријатија во периодот 2013 – 2017 што преживеале во 2018 година
Речиси половина (45.1 %) од новосоздадените претпријатија во 2013 година сѐ уште биле активни во 2018 година. Најголема стапка на преживување се забележува кај новосоздадените претпријатија што припаѓаат во секторите Дејности на здравствена и социјална заштита (79.7 %), Образование (69.4 %) и Стручни, научни и технички дејности (66.7 %).
Во 2018 година биле активни 52.9 % од новосоздадените претпријатија во 2014 година, 63.3 % од новосоздадените во 2015 година, 72.8 % од новосоздадените во 2016 и 88.3 % во 2017 година.
[1] ) Секторите A, Љ, П и Р и класата 64.20 се исклучени.