Според податоците на Државниот завод за статистика, 100% од ентитетите во јавниот сектор (од централната и од локалната власт) имале пристап на интернет во 2011 година.
Најчесто поврзување на интернет било преку DSL технологиите (ADSL и др.) што е регистрирано кај 80,7% од субјектите во јавниот сектор.
Локална компјутерска мрежа LAN, базирана на жично поврзување, имале 94,3%, додека безжичен LAN имале 50.0% од субјектите во јавниот сектор. Интранет, внатрешна компјутерска мрежа базирана на интернет протокол, имале 51,7%, а екстранет, односно дозволен пристап на надворешни корисници до делови од интранетот, имале 25,0% од субјектите во јавниот сектор.
Во 2011 година, своја веб-страница имале 87,5%, а 92,6% најчесто користеле интернет за интеракции со органите на власта, односно јавната администрација.
Во текот на 2010 година, електронските услуги на јавната власт (е-влада) ги користеле 88,1% од субјектите во овој сектор.
Во 2011 година, од вкупниот број вработени во централната и локалната власт, околу 83% употребувале компјутер, а 72% интернет.
Речиси половината од субјектите во јавниот сектор (48,9%) имале политики за намалување на количината на хартија за печатење или копирање, 47,7% имале политики за употреба на телефон, веб, видеоконференција наместо физичко патување.