Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Македонија вкупно се родени 23 752 деца,
од кои живородени се 23 568, а 184 се мртвородени деца. Бројот на живородените деца во 2012, во споредба
со минатата година, е зголемен за 798 деца или за 3,5%. Во структурата според пол, кај живородените деца
машките имаат поголемо учество и тоа 51,9%, односно, на 100 живородени женски деца, 108,1 се машки.
Според возраста на мајката, најголемо учество, односно 35,1% се живородени деца од мајки на возраст 25-29
години, па следуваат мајки на возраст од 30 до 34 години со 25,1%, па мајките од 20 до 24 години со 23,8% итн.
Просечната возраст на мајката при вкупниот број на раѓања е 28,1 години, а 26,3 години на првите раѓања,
односно благ пораст во однос на минатата година. Генерациска година на раѓање на мајката која се појавува
како најфреквентна при раѓањето на детето е 1984 година.
Во 2012 година се регистрирани 26 живородени деца од мајки на возраст под 15 години.
Бројот на вонбрачните живородени деца изнесува 2 742 деца, или 11,6% од вкупниот број на живородените
деца припаѓаат на вонбрачните.