Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на активните деловни субјекти во Република Северна Македонија, во 2019 година, изнесува 75 914 и во однос на 2018 година е зголемен за 5.0 %. Најмногу пораснал бројот на активните деловни субјекти во секторот Уметност, забава и рекреација (24.9 %, односно за 349 субјекти), Други услужни дејности (24.4 %, односно за 1170 субјекти) и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (20.4 %, односно за 38 субјекти). Во 2019 година, во однос на претходната, секторот Дејности на здравствена и социјална заштита бележи намалување на бројот на активни деловни субјекти за 3.5 %.
Податоците за структурата на активните деловни субјекти по сектори на дејност покажуваат дека во 2019 година најголемо учество имаат секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 30.5 % и Преработувачка индустрија со 11.0 %. Најмала застапеност имаат секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (0.3 %), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (0.3 %), Рударство и вадење на камен (0.3 %) и Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (0.3 %).
Податоците за структурата на активните деловни субјекти според бројот на вработени покажуваат дека најголемо учество од 80.7 % имаат деловните субјекти со 1-9 вработени. Потоа следат деловните субјекти без вработени или субјекти со неутврден број на вработени (без податок за вработени) со 10.0 %, па субјектите со 10 - 19 вработени со 4.2 %, потоа субјектите со 20-49 вработени чие учество изнесува 2.9 %, со 1.8 % учествуваат субјектите со 50-249 вработени и само 0.3 % од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.