Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од
Република Македонија во периодот јануари-мај 2012 година изнесува 1 591 543 илјади САД долари, а на
увозот 2 662 292 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 59.8 %. Трговскиот дефицит, во периодот
јануари-мај 2012 година, изнесува 1 070 749 илјади САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи
со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, преработките од нафта, производите од железо
и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина,
необработени или во прав, суровата нафта, природниот гас, во гасовита состојба, и електричната енергија.
Во периодот јануари-мај 2012 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 27
(63.2%) и земјите од Западен Балкан (24.2%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на
ЕУ 27 (57.0%) и земјите во развој (24.5%). Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република
Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Србија, Бугарија и Велика Британија (46.5% од вкупната
надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).