Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари-август 2011 година изнесува 2 846 361 илјади САД долари, а на увозот 4 623 936 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 61.6%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-август 2011 година, изнесува 1 777 575 илјади САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, суровата нафта, моторните возила за превоз на лица и електричната енергија.
Во периодот јануари-август 2011 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 27 (60.4%) и земјите од Западен Балкан (28.5%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 27 (54.0%) и земјите во развој (27.8%).
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Русија, Србија, Бугарија и Грција (44.5% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).