Според дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 361 222 203 илјади денари и бележи пораст од 16.9 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 472 173 953 илјади денари, што е за 12.2 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 110 951 751 илјада денари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 76.5 %. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав. Во периодот јануари − декември 2018 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.
Стоковна размена изразена во евра и САД долари
Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 5 872 484 илјади евра и бележи пораст од 17.0 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 7 676 329 илјади евра, што е за 12.3 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 1 803 845 илјади евра. Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 6 921 536 илјади САД долари и бележи пораст од 21.8 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 9 057 264 илјади САД долари, што е за 17.2 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 2 135 728 илјади САД долари.