Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од
Република Македонија, во периодот јануари- мај 2015 година, изнесува 1 751 496 илјади САД долари, а на
увозот 2 526 927 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 69.3%. Трговскиот дефицит, во периодот
јануари- мај 2015 година, изнесува 775 432 илјади САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи
со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично,
за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот
најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата
добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската
група и нивните легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари - мај 2015 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на
ЕУ28 (76.9%) и земјите од Западен Балкан (11.5%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки
на ЕУ28 (63.3%) и Останати земји, на друго место неспомнати (12.0%). Според вкупниот обем на надворешно-
трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и
Бугарија (50.8% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).