Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – април 2024 година, изнесува 162 549.4 милиони денари и бележи пад од 5.5 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – април 2024 година, изнесува 231 266.5 милиони денари, што е за 3.7 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2024 година, изнесува 68 717.0 милиони денари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – април 2024, изнесува 70.3 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.
Во периодот јануари – април 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.
Стоковна размена изразена во евра и САД долари
Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – април 2024 година, изнесува 2 639.1 милиони евра и бележи пад од 5.3 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3 754.9 милиони евра, што е за 3.8 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2024 година, изнесува 1 115.8 милиони евра.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – април 2024 година, изнесува милиони 2 855.4 САД долари и бележи пад од 5.0 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4 063.0 милиони САД долари, што е за 4.2 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2024 година, изнесува 1 207.6 милиони САД долари.