Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – август 2023 година, изнесува 338 924 990 илјади денари и бележи пораст од 1.9 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – август 2023 година, изнесува 449 566 915 илјади денари, што е за 7.6 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – август 2023 година, изнесува 110 641 925 илјади денари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – август 2023, изнесува 75.4 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.
Во периодот јануари – август 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.