Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари-јуни 2023 година, изнесува 261 984 271 илјади денари и бележи пораст од 3.7% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-јуни 2023 година, изнесува 341 219 188 илјади денари што е за 7.4% помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јуни 2023 година, изнесува 79 234 917 илјади денари.
Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари-јуни 2023, изнесува 76.8%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.
Во периодот јануари-јуни 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.