Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од
Република Македонија во периодот јануари-април 2014 година изнесува 1 510 588 илјади САД долари, а на
увозот 2 316 124 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 65.2%. Трговскиот дефицит во периодот
јануари-април 2014 година изнесува 805 536 илјади САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на
носачи со благородни метали или нивни соединенија, феросилициумот, фероникелот, сетови на проводници
за палење и слично, за возила, авиони, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во
увозот најмногу се застапени суровата нафта, платината и легурите на платина, необработени или во прав,
електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на
прав.
Во периодот јануари-април 2014 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ
28 (78.7%) и земјите од Западен Балкан (13.0%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки
на ЕУ 28 (63.9%) и Останати земји, на друго место неспомнати (11.1%). Според вкупниот обем на надворешно-
трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и
Италија (52.4% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).