Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-август 2013 година, изнесува 2 728 863 илјади САД долари, а на увозот 4 256 353 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 64.1%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-август 2013 година, изнесува 1 527 490 илјади САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и моторните возила за превоз на лица.
Во периодот јануари-август 2013 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 28 (72.9%) и земјите од Западен Балкан (18.0%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 (62.0%) и Останати земји, на друго место неспомнати (11.6%). Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија (49.9% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).