Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2011 година, 55,0% од домаќинствата имале пристап на интернет од дома, што е за 8,9 процентни поени повеќе во споредба со истиот период од 2010 година.
Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства е зголемено од 37,2% во 2010 година, на 42,1% во 2011 година. Во набљудуваниот период, најзастапено поврзување на интернет, кај 46,5% од домаќинствата со интернет пристап, е широкопојасното поврзување кое вклучува: фиксно жично (кабел, фибер, Ethernet, PLC итн.), фиксно безжично (сателит, јавен WiFi, WiMax) и мобилно поврзување на интернет (најмалку 3G телефон - UMTS или најмалку 3G модем - USB/картичка за лаптоп).
Во првото тримесечје од 2011 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, компјутер користеле 58,9%, додека интернет користеле 56,7%. Интернет најмногу користеле учениците и студентите, односно 96,6%. Најчесто, 82,9% од корисниците на интернет во последните 3 месеци, користеле интернет за учество на социјални мрежи (на
пример, креирање кориснички профил, праќање пораки или други содржини на фејсбук, твитер, итн.).
Во првото тримесечје од 2011, само 4,1% од корисниците на интернет кои кога било употребиле интернет, направиле нарачки преку интернет за купување на стоки/услуги за лична намена, додека 6,7% тоа го направиле во последните 12 месеци, најмногу за купување на облека или спортска опрема (20,4%) .
Од лицата кои користеле интернет во последните 12 месеци, 22,2% користеле услуги на е-влада и тоа за: добивање информации (18,2%), симнување на официјални формулари (11,2%) од веб-страниците на јавната власт/администрацијата, испраќање на пополнети формулари до веб-страниците на јавната власт/администрацијата (7,4%).
Обука или курсеви (од најмалку 3 часа) од кој било аспект на употреба на компјутер, во последните 3 години, имале 14,2% од лицата кои кога било користеле компјутер, 21,5% имале обука пред 3 години, додека преостанатите (64,2%)
немале никаква обука. Главна причина за непосетување курсеви за компјутер, кај 67,8%, била немањето потреба од нив бидејќи нивните компјутерски вештини биле задоволувачки.