Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во ноември 2019 година, во однос на претходниот месец, изнесува 99.9, а индексот на цените на мало 99.4.
Намалување на индексите на трошоците на животот во ноември 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 9.6 % и безалкохолните пијалаци за 0.3 %.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 23.0 %, течните горива за домаќинствата за 2.3 %, информатичката опрема за 1.8 %, средствата за чистење и одржување на станот за 1.6 %, електричните апарати за лична хигиена за 1.4 %, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0.9 %, дисковите, касетите, дискетите, ЦД-ромовите, филмовите за 0.8 %, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема за 0.7 %, големите електрични апарати за домаќинствата, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа за 0.6 %, книгите за 0.5 %, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 0.3 %.
Пораст на индексот на трошоците на животот во ноември 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 5.6 %, сувото овошје и јаткастите производи за 1.6 %, свежата и разладената риба за 0.8 %, другите пекарски производи, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.7 %, трбушките за 0.6 %, жестоките пијалаци за 0.5 %, лебот и житата, месото, сирењето и урдата за 0.4 %.
Во ноември 2019 година, пораст на индексите на трошоците на животот, исто така, е забележан и кај гасот за домаќинствата за 4.5 %, обувките за 2.3 %, отпадната вода за 1.1 %, автомобилите за 1.0 %, другите лични предмети за 0.8 %, другите медицински производи, туристичките пакет-аранжмани за 0.5 %, снабдувањето со вода, мебелот и покуќнината за 0.3 % и конфекцијата за 0.2 %.
Индексот на трошоците на животот во ноември 2019 година, во споредба со ноември 2018 година, бележи намалување од 0.1 %, а индексот на цените на мало бележи намалување од 1.7 %.