Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во март 2015 година,
во однос на претходниот месец, изнесува 100.5, а индексот на цените на мало 100.9.
Порастот на индексот на трошоците на животот од 0.5% во март 2015 година, во споредба со претходниот месец,
е резултат на повисоките индекси на свежото овошје за 5.9%, свежиот зеленчук за 2.9%, свежото млеко за 1.3%,
тестенините, конзервираните месни производи, киселото млеко и шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски
производи за 0.7% и алкохолните пијалаци за 0.3%.
Исто така, пораст на индексот на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за
13.0%, гасот за домаќинствата и течните горива и мазива за 9.6%, лековите за 6.5%, информатичката опрема за
2.3%, други услуги неспомнати на друго место за 1.0%, услугите за одржување и поправки на станот и средствата
за чистење и одржување на станот за 0.8% и накитот и часовниците за 0.6%.
Намалување на индексот на трошоците на животот во март 2015 година, во споредба со претходниот месец, е
забележано кај другите неспомнати прехранбени производи за 2.2%, конзервираната риба за 1.5%, месото и
замрзнатиот зеленчук за 0.6%, рибата за 0.4%, преработките од млеко и сувото овошје за 0.2%.
Во март, исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај болничките услуги за
5.2%, материјалите за одржување и поправки на станот за 3.7%, телефонските и телеграфските апарати и услуги
за 3.5%, сообраќајните средства и пакет-туристичките аранжмани за 1.3%, услугите за култура за 1.0%, обувките
за 0.8% и останатите стоки и услуги за лична употреба за 0.2%.
Индексот на трошоците на животот во март 2015 година, во споредба со март 2014 година, бележи намалување
од 0.3%, а индексот на цените на мало бележи намалување од 0.8%.