Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во март 2021 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.5, а индексот на цените на мало изнесува 100.6.
Пораст на индексите на трошоците на животот во март 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 3.5 %, свежото и разладеното овошје за 2.1 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1.0 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.8 %, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 0.4 %, месото и жестоките пијалци за 0.2 %.
Во март, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај собирањето на отпадните води за 8.2 %, течните горива за домаќинствата за 7.4 %, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 6.8 %, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 5.8 %, информатичката опрема за обработка на податоците за 5.5 %, моторните возила за 3.0 %, гасот за домаќинствата за 2.3 %, малите електрични апарати за домаќинствата, фризерските салони и центрите за разубавување за 0.7 %, снабдувањето со вода за 0.5 %, мебелот и покуќнината за 0.3 %, материјалите за одржување и поправки на станот, теписите и другите подни покривки, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства, другите апарати и производи за лична хигиена за 0.2 %.
Намалување на индексите на трошоците на животот во март 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај рибата и морските плодови за 0.6 % и конзервираното овошје за 0.3 %.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај медиумите за снимање за 0.9 %, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0.7 %, обувките за 0.5 %, домашните миленици и сродните производи за 0.4 % и облеката за 0.2 %.
Индексот на трошоците на животот во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи зголемување од 2.1 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 2.6 %.