Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во март 2014 година, во однос на претходниот месец, изнесува 99.7, а индексот на цените на мало 98.8.
Намалувањето на индексот на трошоците на животот од 0.3% во март 2014 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на мастите за 5.4%, други прехранбени производи за 1.1%, месото за 0.9%, преработките од риба за 0.8%, конзервираните месни производи и свежиот зеленчук за 0.6%, шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски производи за 0.3% и сувото овошје за 0.2%.
Во март, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 6.0%, авионскиот превоз на патници за 3.6%, услугите за сместување за 2.7%, средствата за чистење и одржување на станот за 1.9%, течните горива за домаќинствата и телефонските и факс апарати и услуги за 1.8%, обувките за 1.0%, фармацевтските производи за 0.7% и течните горива и мазива за 0.3%.
Пораст на индексот на трошоците на животот во март 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото овошје за 3.4%, преработките од зеленчук за 1.8% и замрзнатиот зеленчук за 1.0%.
Исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај пакет-туристичките аранжмани за 3.3%, стаклените садови, кујнскиот прибор и друга опрема за домаќинствата за 1.3%, други средства за рекреација, цвеќиња, миленици за 0.6%, малите електрични апарати за домаќинствата за 0.5%, цврстите горива за 0.3%, материјалите за одржување и поправки на станот и големите електрични апарати за домаќинствата за 0.2%.
Индексот на трошоците на животот во март 2014 година, во споредба со март 2013 година, бележи пораст од 0.2%, а индексот на цените на мало бележи намалување од 0.7%.